X
 15.06.2017 Образование

Отворен саемот за вработување во Скопје

Агенцијата за вработување на Република Македонија денес во Скопје организира саем за вработување, на кој невработените имаат можност да се информираат за слободните работни места на пазарот на труд. На саемот се презентираат компаниите кои нудат слободни работни места и ги објаснуваат условите што треба да ги исполнат невработените за да бидат вработени. Со него завршува третиот по ред караван на кој учествуваат педесетина фирми.



Досега на двата одржани каравана свои биографии доставиле седумдесет илјади невработени. Овој циклус саеми за вработувања почна пред еден месец во Скопје, а продолжи во Штип, Кавадарци, Битола, Тетово и Струмица. Сите посетители имаа можност да се запознаат со условите што ги нудат работодавачите за вработување, како и за нивно вклучување во активните мерки и програми што ги реализира Агенцијата. Се нуди и можноста да закажаат интервју со работодавачите, да остават своја работна биографија и да добијат информации за побарувањата на пазарот на трудот. Во рамките на саемите се организираат и форуми со работодавачи и инфо-средби со млади лица.

- Изминатите години напорно работевме и континуирано преземавме различни активности кои имаат една цел - отворање нови работни места. Резултатот од вложениот труд е евидентен и најдобро е отсликан преку стапката на невработеност која континуирано се намалува во последните 10 години. Согласно со податоците на Државниот завод за статистика во моментот е најниска и изнесува 22,9 проценти - рече Слободанка Алексовска, директорка на скопската Агенција за вработување.

Според неа, намалувањето на невработеноста покажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработувања насочени кон отворање нови работни места, креираните работни места од странските инвеститори и домашните компании, како и зголемената соработка меѓу странските и домашните компании. Алексовска посочи дека нови работни места отвориле оперативните планови на Владата од 2007 до 2016 година.

- Над 102.000 учесници се поминати низ активните мерки, од кои над 43.000 се уште се во работен однос. За годинава, согласно оперативниот план предвидени се да поминат над 41.000 лица и да се вработат најмалку 10.000 лица како директни вработувања – рече таа.

Според, неа, еден од најуспешните проекти е „Македонија вработува“.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование