Како и секоја година, студентските парламенти на ФЕИТ и ФИНКИ како организатори на саемот „Контакт“ имаат за цел да им овозможат на студентите директна комуникација со претставници од компаниите заради идно професионално надоградување преку извршување на пракса или директно вработување. А компаниите кои имаат штандови на саемот ќе имаат можност да ги пронајдат студентите кои се со најголем ентузијазам за пракса или вработување кај нив.
Директната комуникација помеѓу студентите и компаниите, каде претставниците на компаниите ќе ги запознаат студентите со праксите, вработувањата, предусловите и знаењата кои им се потребни доколку сакаат да аплицираат за истите, ќе се случува на штандовите во холовите на ФЕИТ/МФС и ФИНКИ/ТМФ.
„Со оглед на интересот на компаниите кои имаат постигнато огромни успеси во своите области на делување, очекуваме овогодинешниот „Контакт“ да биде главниот поттикнувач на стручното надоградување на студентите од техничкиот кампус, како со успешните пракси, така и со вработувањата во компаниите учесници на саемот“ – изјави главниот организатор на „Контакт 2017“ од страна на Студентскиот парламент при ФЕИТ, Виктор Георгиевски.
Компании кои годинава ќе бидат изложени на саемот се: One-Inside, ATS Global, NI TEKNA, iBorn, ITgma, ГД Гранит, MCA, Seavus и Seavus Education and Development Center, Asseco SEE, ЕВН Македонија, Marquardt, Mikrosam, NewMan's Business Accelerator, ПСМ фондација, ЕЛЕМ, Vox Teneo.
„Контакт“ е поддржан од Факултетите ФЕИТ и ФИНКИ, а оваа година како дополнителни поддржувачи се и Центарот за менаџмент, консалтинг, образование и наука – МОТИВА, Македонија 2025 и Комората за информатички и комуникациски технолофии – МАСИТ.
Почнувајќи од денес кога се случува официјалното отворање, пропратено со едукативен дел, саемот ќе трае три дена. Учество на едукативниот дел може да земе секој студент на УКИМ кој ќе има можност да слуша и да дебатира на предавањата одржани од страна на Зоран Костовски – основачот на МОТИВА, а саемскиот дел е отворен за сите заинтересирани посетители.
Агендата за сите три дена може да ја погледнете на www.kontakt.org.mk