X
 12.05.2017 Кариера

Од 18 Мај почнува третиот циклус саеми за вработување

Невработените преку директен контакт со работодавачите ќе имаат можност да се информираат каков кадар им е потребен на компаниите. Меѓутоа и колку е платена работната позиција за која фирмите имаат потреба од работници.  Третиот циклус саеми за вработување  ќе почне од  18 Мај,  ќе трае до 15 Јуни.  Саемскиот караван ќе ги опфати градовите:  Скопје, каде се предвидени саеми на 18 Мај и на 15 Јуни,  Штип 26 Мај , Кавадарци 30 Мај,  Битола 6 Јуни,  Тетово 8 Јуни и Струмица на 13 Јуни.




- Преку директен контакт со работодавачот лицето кое бара вработување, да види што се бара, колку се бара, колку е тоа платено, односно што нудат работодавачите и какви се работните места. Може да остават свое CV на кое се надевам дека во наредниот  период ќе биде позитивно одговорено од работодавачите и ќе бидат поканети на интервју и можеби ќе бидат вработени, рече директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

Директорот на Агенцијата за вработување,  апелираше  младите да дојдат на саемите и да видат што се бара на пазарот на труд. Да знаат кога ќе се запишуваат во средно училиште или на факултет  да изберат образование со кое во иднина ќе имаат можност полесно да најдат работа.

-  Се надевам дека постигнавме ефект младите да не одат кон општествените, туку кон техничките науки, бидејќи  примарно она што го нудат работодавачите се работни места за технички науки, каде и платите во следните неколку години ќе растат, додаде меѓу другото Влатко  Поповски.

Според Поповски невработеноста на младите во државава се намалува, но уште е висока. Пред четири години била 50 проценти, а сега е до 47 проценти. Младите кои имаат завршено  општествени науки имаат мала понуда на работни места.  Затоа преку ваквите саеми  надлежните сакаат да направиме промоција  на работните места  кои имаат иднина во смисла на брзо вработување по завршување на образованието.  Потсети и на мерките со кои им се  дава можност на младите ако отишле во општествени насоки и сакаат да се вклучат во другиот  дел каде има работни места тоа да го направат преку краткотрајни обуки,  практиканство, добивање сертификати за познавање странски јазици и ИТ вештини.  Најголем бенефит досега дала мерката практиканство, бидејќи над 62 проценти од  младите се вработуваат по три месеци пракса.

Подготвил: В.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Кариера