X
 21.06.2017 Живот

Од денес започнува доста жешко и сушно лето!



Денес, на 21 јуни, во 6 часот и 25 минути, на 172-риот ден во годината, на северната полутопка и во Република Македонија почнува летото. Поради поставеноста на Земјата кон Сонцето, на северната полутопка, оваа среда ќе биде најдолгиот ден во годината (летен солстициум), а на јужната пак, ќе биде најкраткиот ден. Така, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 14 минути, а ноќта само 8 часа и 46 минути. Веќе од четврток (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица) на 21 декември 2017 година. Поради елипсоидната форма на Земјата, должината на најдолгиот ден и најкратката ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. На северниот пол, пак, денот веќе трае непрекинато 6 месеци, а на јужниот пол со слично траење од 6 месеци е ноќта. Летото ќе трае 93 дена и ќе заврши на 23 септември во 10 часот и 21 минута (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента. Десетина дена подоцна, поточно на 4 јули во 22 часот и утре Земјата ќе биде најдалеку од Сонцето (152 милиони km) во положба позната како афел.


Прогнозите на големите светски метеоролошки центри, укажуваат дека по релативно влажната пролет, летото на Балканот и во Македонија ќе биде доста топло, слично, ако не и потопло од жешката 2012 година. Причина за тоа е глобалната циркулација на воздушните маси и феноменот Ел Нињо, како и локациите на т.н. минимуми и максимуми над Европа и Африка. Особено топло ќе биде веќе од почетокот на јули, а особено во средината на август, со чести појави на жешки воздушни бранови и само неколку дождливи денови (проследени со невреме). Спротивно на тоа, во северниот дел на Европа, летото ќе биде просечно топло, врнежливо и со чести временски непогоди. Овие прогнози се во согласност со сценаријата и проценките за климатските промени во овој дел на Европа. Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и УВ зрачење, кое често ќе се искачува над ризичниот индекс 9! Исто така, апел до надлежните институции навремено да се подготвуваат и преземат максимални мерки за превенција и заштита од очекуваните чести пожари.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот