Физичарите што работат на Големиот хадронски судирач објавија дека пронашле нова
субатомска честичка со два шармантни кваркови и се надеваат дека токму таа ќе може да ја објасни клучната сила што ја поврзува материјата.
Станува збор за честичката барион, чие постоење само теоретски се претпоставуваше, но досега не беше експериментално потврдено.
Барионите се субатомски честички составени од кваркови, а најпознатите бариони се протоните и неутроните. Кварковите се уште помали честички и ги има шест типа, кои се поделени на лесни и тешки. Физичарите им дале навистина необични имиња на кварковите –
горе (up),
долу (down),
чуден (strange),
шарм (charm),
дно (bottom) и
врв (top).
Горните и долните кваркови се лесни, а тешки се чудните, шармантните, врвните и длабинските.
Барионите се еден вид хадрони, односно честички составени од кваркови.
Новопронајдената честичка се состои од два шармантни кварка и еден горен кварк, а карактеристично за оваа честичка е тоа што се состои од два тешки кваркови.
Бидејќи постојат шест вида кваркови, теоретски се можни многу комбинации, но сите досега забележани бариони имале само по еден тежок кварк.
Физичарот Гај Вилкинсон од „Оксфорд“, кој учествувал во експериментот, изјавил дека во Големиот хадронски судирач на делче од секундата бил создаден барионот наречен „Xi cc“.
„Наспроти другите бариони во кои три кваркови „танцуваат“ сложен танц еден околу друг, за барионот со два тешки кварка се очекува да дејствува како планетарен систем, каде што двата тешки кварка играат улога на тешки ѕвезди кои се вртат една околу друга, со полесен кварк кој орбитира околу овој бинарен систем“, изјави тој.
Портпаролот на Големиот хадронски судирач, Џовани Пасалева, изјави дека пронајдениот барион со два тешки кварка е од големо значење затоа што ќе обезбеди „единствено орудие“ за натамошно истражување на силите што ја поврзуваат материјата.