(
Фото: Youtube / Printscreen)
Немал дизајнерски вештини, немал пари, а способностите за управување и менаџмент му биле прилично ограничени. Сепак, основачот на компанијата „Најки“, Фил Најт, станал и повеќе од успешен. Сега е милијардер и претприемач без маана.
Компанијата „Најки“ се проценува на околу 100 милијарди долари, со годишен обрт од околу 34 милијарди долари, а има 74.000 вработени.
Во интервјуто пред промоцијата на книгата Shoe Dog: A Memoir by the Creator of Nike, Најт седел заедно со Дејвид Рубинштајн, кој зборувал какво искуство имал основачот при стартот на компанијата во 1962 година:
„Ништо не знаеше за дизајн на чевли, не знаеше многу ниту за менаџмент и немаше пари.“
И покрај недостигот на знаење и искуство, Најт откри неколку клучни детали за почетоците на компанијата „Најки“ и како истата подоцна се вивна во неочекувани висини. „Ги искористивме сите предности на бумот околу трчањето, подоцна џогирањето, што на крајот се претвори во фитнес-бум...и имавме корист од сето тоа.“ Способноста на Најт и неговиот тим да проценат и да дадат вистински одговор на барањата на пазарот им помогнаа да ги покријат сите недостатоци и нестручноста.
На прашањето која негова вештина најмногу му помогнала, со оглед дека на почетокот речиси ништо не знаел за бизнисот, Најт вели:
„Ако треба да издвојам една работа, тоа би била мојата способност за процена на луѓето.“
Очигледно дека оваа, но и другите вештини му помогнале не само да успее со почетните партнери на компанијата „Најки“ и вработените, туку и подобро да ги разбере клиентите и купувачите, кои со текот на времето почнале да го купуваат „брендот“ кој се претворил во начин на живот и углед, а не само „обични“ патики.
Најт секогаш поседувал неверојатна страст кон брендот. И самиот наслов на книгата кажува сè – „Shoe dog – е некој што навистина сака чевли, а тоа бев јас. Бев атлетичар... тоа ми стана многу важно и отсекогаш било во мене“.
Тоа што не знаете баш сè и не мора да ви биде пречка да започнете нешто свое. Сепак, би требало да имате некои други вештини кои можат да ги покријат недостатоците. Ако имате страст кон она што го работите и сте добри во тоа, на крајот сè ќе си дојде на своето место.