X
 24.08.2017 Образование

Мартина, Маја и Ива се најдобрите на државната матура

Според податоците што ги добивме од Државниот испитен центар, на листата со најдобрите на македонски наставен јазик се двете соученички Маја Митреска и Мартина Петровска од средното училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид и Ива Николовска од кумановската гимназија „Гоце Делчев“.


Мартина, Маја и Ива

Со многу труд, учење, посветеност и вистинска желба да се дојде до знаење. Вака се станува најдобриот матурант во Македонија. Оваа формула им успеала на Маја, Мартина и Ива, матурантките со најдобар успех на годинешната државна матура на македонски наставен јазик. Според податоците што ги добивме од Државниот испитен центар, на листата со најдобрите се двете соученички Маја Митреска и Мартина Петровска од средното училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид и Ива Николовска од кумановската гимназија „Гоце Делчев“. Маја, Мартина и Ива беа пресреќни кога им кажавме дека имаат најдобри резултати на матурата на државно ниво. Тие сега се подготвуваат за студентските денови и ги очекуваат резултатите од уписите, но дека ќе бидат исто толку успешни студенти, нема никаков сомнеж. Од охридската гимназија секоја година има по неколку ученици со најдобри резултати на матурата. Ги запрашавме Маја и Мартина, кои учеле во ист клас, која е тајната за овој успех на училиштето?

- Тајната за овој успех се крие во долготрајната посветеност и работа на нашите професори, ментори, кои секојдневно и несебично се трудат да ни го предадат знаењето и да го извлечат најдоброто од нас. Но, секако, за тоа се заслужни и многуте паметни и талентирани деца во нашата гимназија, кои ја ценат работата на професорите и постојано вложуваат во себе – вели Маја Митреска.

- Нашата гимназија е моментално една од најдобрите гимназии во државава, центар е на многу трудољубиви и паметни деца, како и одлични професори и ментори кои знаат како да го извлечат најдоброто од нас – се согласува Мартина Петровска.

Математиката и информатиката се голема љубов на Маја

Маја се чувствува многу среќна, а воедно и возбудена за постигнатиот успех.

- Чувството е неописливо кога си меѓу најдобрите. Иако очекував солиден успех, оваа вест беше сосема неочекувана и позитивно нѐ изненади мене и моите најблиски. Како најдобар совет за ваков успех би го истакнала континуираното учење во текот на четирите средношколски години и постојаната подготовка низ целата завршна година. Уште од почетокот на четврта година направив распоред за учење и секојдневно одвојував час или два за повторување материјали од различни теми – вели Митреска.



Таа е голем љубител на математиката и информатиката, како и на решавањето проблеми, па затоа поднела документи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ.

- Денеска информатичката технологија е во голем подем, а овој факултет дава големи можности за насочување на сопствените интереси и проширување на знаењата во различни области преку големата разновидност на понудени насоки – вели таа.

Средното училиште ќе ѝ остане во најубав спомен. Вели дека и покрај учењето и часовите, засекогаш во сеќавање ќе ѝ останат шегите и спомените, вистинските пријателства и познанства. Смета дека во македонското образование треба да има повеќе практика.

- Една од клучните промени што сметам дека треба да се воведат е повеќе практична работа, така што добиените знаења и ќе се применат и подобро ќе се запаметат. А воедно и би ги поедноставила наставните програми, кои се доста обемни – вели една од најдобрите матурантки.

Мартина ќе студира на ФЕИТ

Веста дека нејзините резултати се меѓу најдобрите на матурата многу ја израдува Мартина, но и нејзините најблиски.

- Најдобро е што дојде неочекувано, навистина не ни знаев дека има ваква селекција. Овој успех го постигнав со континуирана работа и посветеност во четиригодишното средно образование, како и кратка самостојна подготовка во последните месеци. Како совет за идните матуранти, би им кажала да веруваат во себе и во своите можности – вели таа.



Таа се запишала на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) главно поради нејзината љубов кон природните науки, особено физиката, но и поради просперитетноста на одбраната насока (обновливи извори на енергија).

- Оваа област има и особена корист за иднината на човештвото.

Мартина смета дека средното училиште игра клучна улога во градењето на личноста.

- Се запознаваш со најразлични карактери, примаш влијанија од најразлични страни и сам си ја одбираш патеката по која ќе чекориш. Средното образование ќе го паметам токму по сите оние што помогнаа во мојата изградбата како комплетна личност. Во македонското образование, кога би можела, дефинитивно би вовела практична примена на техничките науки, со цел полесно и поефективно совладување на наставната програма – вели Петровска.

Ива ќе биде докторка

Ива Николовска од Куманово вели дека ова признание ѝ носи лична сатисфакција, огромно задоволство за неа и за најблиските.

- Се докажа дека целиот труд е вреднуван, a oсобено со овој пласман дефинитивно се решени дилемите дека треба да се вложува во своето знаење. Пред сѐ би сакала да изразам голема благодарност за неизмерната поддршка и безбројните упатства од страна на родителите и професорите.



Таа, слично како и Маја и Мартина, се подготвувала во текот на целото образование со континуирано учење, а и повторување на материјалот во последните месеци пред полагањето. Таа советува еднакво време да им се посвети на сите предмети. Бидејќи има огромна желба да биде докторка, конкурирала на Медицинскиот факултет при УКИМ и е во исчекување на резултатите.

- Пресудно при изборот на тој факултет беше мојата љубов кон медицината како наука и покрај тоа што доаѓам од гимназија, самиот мој пакет од 3 и 4 година придонесе желбата за изучување на медицинските науки да се зголеми и да создаде решителност кај мене при одбирањето на овој факултет.

Кога би имала моќ да промени нешто во образованието, би додала повеќе практична настава, поголема соработка со училиштата од други земји и запознавање на нивната култура, начинот на живот, а воедно начинот на воспоставување на образованието кај нив и поголема опременост за ИКТ-настава.

- Средното училиште ќе го паметам по запознавањето со прекрасни луѓе кои можам слободно да ги сместам меѓу поширокото семејство, дружењето со нив, а исто така и прекрасните наставници кои ми го покажаа правилниот пат за мојот понатамошен живот и вистинските вредности, а тоа се: љубов и посветеност кон она што го учиш – завршува Николовска.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование