X
 29.08.2018 Наша тема

Матурантите Ана, Егзон и Инџи покажаа дека најдобро го владеат мајчиниот јазик

Ги контактиравме тројцата најдобри матуранти по македонски, албански и по турски јазик во учебната 2017/2018 година на ниво на цела држава, според податоците од Државниот испитен центар

Никогаш не сум се задоволувала со просечни резултати, па мислам дека и на тоа се должи мојот успех, вели Ана Гаштаровска, матурантка која заврши во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и беше најдобра по предметот македонски јазик на државната матура.

Ги контактиравме тројцата најдобри матуранти по македонски, албански и по турски јазик во учебната 2017/2018 година на ниво на цела држава, според податоците од Државниот испитен центар.



Ана Гаштаровска

Ана Гаштаровска, матурантка од МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, најдобра по македонски јазик


- Не можам конкретно да кажам дека го учам само македонскиот јазик со посебно внимание и љубов бидејќи сум сестрана личност. Отсекогаш сум покажувала интерес и сум вложувала голем труд еднакво во сите предмети, како во основно така и во средно образование. Меѓутоа, читањето книги и пишувањето есеи во слободно време ми претставуваат особено задоволство. Бев добитник на втора награда за есеј на литературниот конкурс по повод одбележувањето на Денот на сеќавањето на холокаустот и хероизмот - вели Ана.

На прва ни падна чудно дека Ана доаѓа од средно уметничко училиште фокусирано на музиката. 

- Мислам дека нема ништо чудно во тоа добро да се познава мајчиниот јазик, впрочем тоа е задача на секој од нас. И покрај тоа што одбрав средно стручно училиште, никогаш не го ограничив моето внимание само на една страна. Уште во основно постигнував одлични резултати и во сликањето, природните науки и математиката, па бев прогласена за првенец на генерација. Покрај тоа, сметам дека еден уметник треба да биде, пред сѐ, вистински образован, а тоа што сум музичар – пијанист, не налага само познавања од областа на музиката и добра техника на свирење, туку и многу повеќе од тоа - категорична е најдобрата матурантка.

Ана ќе го продолжи своето образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје. 

- Музиката ми е верен сопатник уште од рана возраст. Свирењето ме исполнува на начин на кој не може ништо друго, па затоа желбата за проширување на музичките хоризонти нема никогаш да замре. Во иднина се гледам себеси како концертен изведувач и се надевам дека еден ден ќе имам шанса да настапувам на светските музички сцени. Ќе продолжам да работам посветено и фокусирано на целта затоа што мислам дека тоа е патот до успехот - вели Гаштаровска.

Инџи Зулбеари

Инџи Зулбеари, матурантка од СОМУ „Гостивар“ - најдобра по предметот турски јазик

Турскиот јазик е мој мајчин јазик. Секогаш посветувам посебно внимание и љубов. Благодарна сум ѝ на мојата татковина Македонија што ни овозможува да учиме на мајчиниот јазик, вели матурантката Инџи Зулбеари од Гостивар, која заврши во средното медицинско училиште.

Таа признава дека е горда што била најдобра по мајчин јазик и му се заблагодарува на нејзиниот професор по турски јазик, Зекирија Хасип.
- Многу ми значи и горда сум што бев најдобра на матурата. Некои луѓе можеби мислат дека ова е само шанса, но јас отсекогаш сум верувала дека во животот без труд и без учење шансата не доаѓа - вели Инџи.
Инџи ќе продолжи на Медицинскиот факултет во Скопје.
- Најмногу што сакам е да се запишам на најдобриот универзитет во земјава - „Св. Кирил и Методиј“ и да станам доктор бидејќи најубаво нешто во светот е да им се помага на луѓето!



Егзон Алиу

Егзон Алиу, матурант од СУ „Зеф Љуш Марку“ – Скопје

На Егзон многу му значи ова признание. Вели дека ќе има уште поголема мотивација за понатамошното образование.
- Бев активен сите четири години по предметот албански јазик, особено во четвртата година. Се ангажирав многу повеќе, но исто така резултатот е плод на прекрасните професорки по албански јазик во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ – вели тој.
Своето образование ќе го продолжи на Факултетот за информатички науки во Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје.
- Покрај јазиците, имам голем интерес и за природните науки и затоа изборот да студирам информатика ми изгледа како вистински. Посебна љубов негувам кон предметите математика, информатика и англиски јазик – вели Егзон.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема