X
 20.07.2015 Образование

Ова се најдобрите матуранти по мајчин јазик

Радост, неверување и гордост почувствуваа нашите матуранти кога им соопштивме дека по предметот мајчин јазик освоиле најмногу поени на државната матура.

Факултети мк. ги контактираше тројцата матуранти кои се најдобри по македонски и албански јазик на ниво на цела држава, според податоците кои ги добивме од Државниот испитен центар. Александра Ристовска, Сара Андреевска и Фјола Ахмети имаат голема причина да се чувствуваат горди. За жал, не успеавме да стапиме во контакт со Омер Асаноски од кичевското средно училиште „Мирко Милески“, кој има најдобар резултат во турски јазик.

Овие млади умни глави макотрпно се подготвувале за полагањето на матурата цели четири години. Еве ги нивните приказни.



Александра Ристовска (македонски јазик), ученичка во средното училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија

СЕ НАСЛАДУВАМ ОД СЕКОЈА ПРОЧИТАНА КНИГА


Александра, која матурирала на општествено-хуманистичката насока, за државната матура се подготвувала константно сите четири години од средното образование. Кога ги видела резултатите, не можела да поверува со колкав успех положила. На радоста и немаше крај кога и кажавме дека всушност првото место по македонски јазик го дели со уште една ученичка. Предметот македонски јазик и бил еден од најомилените, а особено и биле интересни часовите по литература.

- Сите четири години од моето средно образование ги завршив со одличен успех, само не можам се пофалам со петка по математика. Таа отсекогаш ми беше слаба страна. Но, затоа многу сакам да читам и да се насладувам од убавините на секоја прочитана книга. Тие ни ја даваат најголемата мудрост на светот и од нив може да се научи многу. Секоја книга е напишана со единствена цел да упати некоја порака до читателите, а ние сме тие што треба да ги откриваме пораките кои не‘ подучуваат како да го живееме животот, како да постапуваме и како да знаеме да го препознаваме доброто и злото, а најмногу од се‘ како да ги негуваме моралните вредности -вели Александра.

На оваа млада девојка најинтересни и се книжевните дела од македонската и светската литература кои им биле задолжителна лектира и дела за обработка на часовите по македонски јазик. Особено е импресионирана од делата од светскиот реализам, но летото секогаш и е резервирано за делата од слободната литература. Таа планира да се запише на Универзитетот „Кирил и Методиј“, на Медицинскиот факултет.

- Плановите за понатаму на секој млад човек се големи. Сите очекуваме да ни се случат најубавите работи во животот и да ни се исполнат сите мечти и соништа за кои сме мечтаеле уште од мали. Се надевам дека ќе бидам примена на Медицинскиот факултет, бидејќи тоа ми е најголемата желба од мала и во моментот тоа ми претставува најголема преокупација.

За неа годините поминати во средното образование и се најубавите.

- Средното ќе го паметам најмногу по тоа што добив големо знаење од професорите, но секако и по дружењето со соучениците и сите згоди и незгоди кои ни се случуваа. Покрај учењето имав и други интереси. Активно се занимавав седум години со фолклор во Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија, а последните неколку години мое хоби е козметиката за која имам завршено курс . Со тоа се занимавам во моето слободно време. Инаку за себе не сакам многу да зборувам, тоа го оставам на другите. Само ќе кажам дека сум друштвена личност која што сака да се дружи и да помага на секого.

Упорна сум во секоја работа што ќе ја започнам и најмногу од се си го сакам моето семејство. Тие ми ја даваат најголемата поддршка и секогаш ме туркаат напред низ животот -вели Александра.



Сара Андреевска (македонски јазик), ученичка во средното училиште„Гоце Делчев“ од Куманово

СО КОНТИНУИРАНО УЧЕЊЕ ДО УСПЕХ


Сара е матурантка од Кумановската гимназија со ист резултат по мајчиниот јазик, како и Александра. И таа очекувала позитивни резултати со оглед на тоа дека се подготвила добро за матурата, но била изненадена од високиот просек. Таа ги сака јазиците, па затоа и одбрала јазично-уметничка насока во гимназијата. Но, подеднакво ја сака и математиката. Вели дека за успех на матурата е заслужно учењето.

- Го повторував материјалот од сите четири години што е потребен за матура. Повеќе се задржав на деловите што ми беа потешки за совладување во текот на учебните години. Со претходно прочитани дела, за есејот, не ми беа потребни дополнителни подготовки. Бидејќи во сите години континуирано учев, и го имав совладано материјалот, ми беше доволно само да го повторам. Сепак аспирациите кон македонскиот јазик ми беа од корист. Го сакам македонскиот јазик посебно делот од литературата.Ги имам прочитано делата кои ми беа задолжителни, но и покрај тоа читам и дела од слободна литература.

Сепак не го занемарувам ни делот од граматиката за кој сметам дека е многу важен - вели таа.

Сара своето образование ќе го продолжи на некој од нашите факултети, но се уште не одлучила каде ќе аплицира.

- Пред да донесам било каква одлука треба добро да размислам бидејќи сакам факултет кој нуди перспектива за учење, работа и унапредување во странство.



Фјола Ахмети (албански јазик), ученичка во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“

НА ФАКУЛТЕТИ.МК СЕ ИНФОРМИРАВ ЗА ДОБИЕНАТА СТИПЕНДИЈА


Матурантката Фјола која матурираше на насоката фармацевтски-лабораториски техничар е најдобра на државната матура по предметот албански јазик. Таа своето образование најверојатно ќе го продолжи во Турција и тоа благодарение на огласот кој го видела на нашата страница Факултети.мк.

- Тоа што е сигурно е дека ќе продолжам со студиите по фармација. Дали во нашата земја или во странство, по конкретно во Турција каде што веќе имам добиено целосна стипендија се уште не сум решила. Огласот за стипендија го видов токму на вашата веб страница, факултети.мк, страница која редовно ја посетуваам и не само јас туку и моите родители. Инаку кога не сум достапна на телефон моите пријатели знаат да се пошегуваат дека Фјола најверојатно е на Факултети.мк. Што се однесува за мотивот зошто се решив да конкурирам, меѓу другото, се повисоките стандарди на образовниот систем во Турција и значително подобрите услови за студирање и истражување во областа која ја сакам -вели Фјола.

За матурата се подготвувала перманентно сите четири години, но со помош на предметните наставници знаењата ги заокружиле во последниот месец на учебната година.

- За љубовта кон предметот Албански јазик и книжевност, најголема заслуга има мојата наставничка од основното училиште односно мојата класна раководителка Мирадије Бислими која што не само што ни ги пренесе своите широки познавања за предметот, туку со посебно залагање ни го разви чуството за да ги надминеме хоризонтите на знаењата преку читањето на убавиот збор и љубов кон албанскиот јазик. Истовремено би сакала да ја споменам и мојата наставничка по Албански јазик, Шпреса Исмаили која со голема подршка и пожртвуваност се посвети да ги надминеме сите потешкотии во текот на подготовките за испитот, земајќи ги во предвид бојкотот и штрајковите кои беа и се резултат на многу недостатоци и неправилности на нашиот образовен систем - раскажува Фјола.

Инаку, таа очекувала дека ќе добие висока оценка на матурата, но се изненади кога дозна дека нејзиниот тест е најдобар на државно ниво. Покрај новите познанства што ги стекнала и добрите односи со наставниците, средното образование за жал ќе го памети и по многуте експерименти во образованието.

Фјола, како и секоја млада личност сака да слуша добра музика.

- Тоа е претежно рок музика, сакам да гледам добри филмови, одвреме навреме да пишувам, и се разбира ме радуваат разни патувања во странство и шопинг. Ме прават среќна сите убави работи, насмеани детски лица, топлиот дом и среќни семејства , а најсреќна сум кога јас некого ќе направам среќен -завршува Фјола.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование