X
 15.08.2016 Култура

Работи кои не смеете да ги правите во Финска

Доколку вашата следна туристичка дестинација е Финска, а не сакате да се усрамите и да го навредите финскиот народ, тогаш добро би било да прочитате некои работи кои не би требало да ги правите во оваа земја. Ова е мал водич кој ќе ве поштеди од голем број непријатности.

 

финска


1. Не прекинувајте разговор

Ова тешко го сфаќаат луѓето кои не се од Финска, бидејќи се навикнати често да водат разговор со упаѓање во зборот на соговорникот. Иако во секоја култура, според бон-тон не се упаѓа додека соговорникот зборува, сепак повеќето луѓе во светот тоа го толерираат и се смета за нормална појава во разговорот - но не и Финците. Во Финска ова е целосно неприфатливо. Тие сметаат дека соговорникот треба целосно да се сослуша и ова е вештина која секој треба да ја совлада секој човек уште во детството.

2. Не ги споредувајте Финците со нивните соседи

Кога би ги запрашале Финците дали и Финска била комунистичка земја како и нивните соседи Русите или ако на пример ги споредите со Швеѓаните, тогаш дефинитивно тоа би бил крај на разговорот. Запомнете дека Финска е горд ентитет, и не се поистоветува со останатиот дел од северна Европа. Тие се доста чувствителни на темата историја бидејќи со крвава борба, истрајност и обединетост на сите Финци добиле мир, свое парче земја и независност.

3. Не оставајте бакшиш


Бакшишот не е најдобро прифатен во Финска бидејќи не е во чекор со нивниот поим за штедење, кој, заедно со скромноста, е еден од најголемите доблести во Финска. Тие сметаат дека секој треба да плати онолку колку што потрошил, бидејќи по правило услугата е вклучена во сметката, па не е невообичаена сликата кога келнерот трча по гостинот кој оставил бакшиш, бидејќи смета дека гостинот случајно ги заборавил парите.

4. Финците не сакаат фалбаџии

Ако нешто не поднесуваат, тогаш тоа се луѓе кои се фалат. Никој не сака фалбаџии, меѓутоа Финците за овој вид на луѓе имаат најнизок праг на толеранција. Тие сметаат дека скромноста и понизноста повеќе умеат да прикажат нечија големина и успех.

5. Не носете облека во сауна

Иако е познато колку Финците ја ценат и својата и туѓата приватност, облеката во сауна ја сметаат за неприфатлива бидејќи голотијата во сауната не ја поврзуваат со секс или перверзија, туку исклучиво со чистење на телото и духот. Доколку ви пречи да се соблечете, тогаш имате сауни кои се поделени на машки и женски. Инаку, во Финска, особено за време на некои традиционални празници, членовите од семејствата поминуваат време заедно во сауна голи, и тоа не им е ни малку неудобно.

6. Избегнувајте излив на емоции со партнерот на јавно место

Иако Финците не се роботи без емоции, сепак треба да имате во предвид дека сте во Финска, а не во Италија или Бразил, па така постојат и некои форми на социјално прифатливо однесување кон кое човек треба да се придржува. Имено, Финците сакаат да разменат нежности и интимност со партнерот, меѓутоа ги оставаат за интимните моменти.

7. Никогаш на гости не одете ненајавени


Никогаш, ама никогаш не одете на гости без да се најавите. Финците се алергични на ненајавени гости, до таа мера што може да бидат непријатни и да не ве пуштат во нивниот дом. Ако веќе имате договор за посета, тогаш бидете точни или јавете им се дека ќе доцните поради некоја оправдана причина, бидејќи иако сте најавени, а не дојдете на време, гарантирано ќе ја „бакнете вратата“.

8. Не влегувајте со чевли во нечиј дом


Иако во многу земји според бон-тон не ги соблекувате чевлите во нечиј дом, ова е целосна некултура според финските правила на однесување. Последните години, некои семејства прифатија гостите да не се соблекуваат, меѓутоа ова се само 5% од населението.

9. Не коментирајте натпревари по хокеј

Ова особено избегнувајте да го правите ако Финска играла против Шведска и ако изгубила. Тогаш правете се дека не ни знаете што е хокеј и дека никогаш не сте слушнале за овој спорт, но ако победиле Финците, тогаш слободно фалете ги.

10. Немојте да зјапате во нордиските шетачи

Кога ќе видите на улиците на Финска луѓе кои со себе носат стапови, немојте да зјапате во нив. Овој вид на спорт особено се цени во Финска.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура