Редовните посети на забар се многу важен дел од одржувањето на здравјето на забите. Но, што кога би можеле само преку една вакцина да го добиете посакуваното орално здравје? Истражувачите од Кинеската академија на науките се обидуваат да создадат токму таква вакцина, а нивната студија веќе е објавена.
Тие тестирале фузија на протеини кои можат да бидат превенција при развојот на забен кариес. Кариесот е предизвикан од бактеријата Streptococcus mutans (S. mutans). Во претходни студии кинеските истражувачи имале обиди за заштита од кариесот преку креирање фузија помеѓу протеините „PAc (rPAc)“ и „C-terminal“. Иако фузијата на протеините била ефикасна во борбата против кариесот, сепак предизвикувала несакани последици, како воспалителни процеси.
Со цел да ги намалат несаканите ефекти, научниците развиле втора генерација на „rPAc“ протеинот – „KFD2-rPAc“. Спровеле лабораториски тестови на глувци и стаорци, па вакцината-прототип била внесена преку ноздрите. Вакцината предизвикала 53,9 % терапевтски ефект на оние што веќе имале развиено кариес, а кај оние што немале - 64,2 % профилактички ефект.
Според Светската здравствена организација, забниот кариес останува голем здравствен проблем во повеќето индустриски земји и покрај развојот на стоматологијата. Од 60 до 90 % од децата, како и возрасни, страдаат од забен кариес, па очигледно е дека голем број луѓе ќе имаат здравствени придобивки од вакцината.
Иако многу ветува, ќе треба да се спроведат уште многу тестови пред да биде завршена финалната верзија на
вакцината за клинички испитувања. Вакцината, исто така, многу би помогнала во местата каде што голем број лица немаат пристап до забар.