X
 27.10.2017 Образование

ФЕИТ домаќин на балканскиот натпревар по LabVIEW

Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје е домаќин на седмиот балкански натпревар по LabVIEW за студентите од областа на техничките науки. Натпреварот почнува денес во просториите на ФЕИТ, а финалните победници ќе бидат познати утре (сабота).



На натпреварот учествуваат 23 натпреварувачи од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Натпреварувачите се избрани како најуспешни студенти од LabVIEW академиите на земјите учеснички. Покрај натпреварувачите, секој тим е придружен со 2 професори (ментори) кои учествуваат во координативните активности за реализација на натпреварот и дефинирање на проектната задача.

ФЕИТ, оваа година, е домаќин на овој натпревар по одличните успеси на ова натпреварување и активностите во рамки на LabVIEW академијата при ФЕИТ. Во досегашното петгодишно учество, ФЕИТ освои две втори, трето и четврто место во поединечна конкуренција, како и две први места во екипна конкуренција.

LabVIEW (Laboratory Virtual Instrumentation Electronics Workbench) претставува графички програмски јазик, пред сé наменет за инженери. Оваа програмска платформа е широко прифатена во сите универзитети во светот и се користи за научно-истражувачки и за индустриски апликативни цели. Универзитетите кои сакаат да го имплементираат LabVIEW во своите наставни содржини мора да поминат низ фаза на сертифицирање на наставниот кадар и формирање на LabVIEW академија. Ваква академија на факултетот за електротехника и информациски технологии е формирана пред 5 години кога наставниот кадар се здоби со светски признати CLAD (Certified LabVIEW Associated Developer) сертификати. Покрај тоа во последните 5 години, ФЕИТ успеа преку LabVIEW академијата да сертифицира и приближно 40 студенти.

Натпреварот се одржува под покровителство на National Instruments.

Покануваме новинарски екипи да го проследат текот на натпреварот, како и утрешното доделување на наградите во просториите на ФЕИТ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование