Амир е евидентиран во 2013 година како дете на улица што пита во Скопје. По разговор и одобрение од мајка му, почнува да го посетува Центарот за деца на улица. На почетокот е многу срамежлив и му треба подолго време да се адаптира. А сега е одличен во математика, сака да учи и да стане информатичар
Амир Десанов e штитеник на дневниот Центар за деца од улица, но се истакнува меѓу другите деца во центарот по тоа што тој е одличен во математика. Обожава да решава задачи и да наоѓа математички решенија. Тој секојдневно вежба, се надградува и корисно го троши времето поминато во центарот.
Амир има 14 години и е деветто одделение. Ученик е во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“, Шуто Оризари. Со помош на ангажманот на наставничките успеа да учествува на натпревар по математика. На натпреварот по математика на „Кенгур 2022“ освои трето место.
Перманентно е вклучен во активностите на Дневниот центар за деца на улица.
- Уште од прво одделение почнав повеќе да ѝ се посветувам на математиката. Ја засакав и супер ми одеше уште на почеток. Сѐ почна откако го посетувам дневниот центар. Вежбав секој ден во дневниот центар со наставничките и наставникот. Сѐ повеќе ме интересираше. Сѐ повеќе учев и сакав да научам нови работи. И резултатите сами дојдоа. Имам учествувано на четири натпревари, но последниот натпревар беше поинаков и ми даде стимул уште повеќе да напредувам. Во иднина би сакал да се насочам кон информатиката, да станам информатичар - вели Амир.
Тој додава дека сите предмети ги сака, има солидно знаење, но математиката најмногу му оди.
Една од неговите наставнички и верни поддржувачи е Александра Лозаноска, воспитувачка во Дневниот центар „Деца на улица“ во Шуто Оризари, која ни сподели дека Амир го посетува центарот од 2013 година.
- Амир беше евидентиран од нашите колеги, стручниот тим, во 2013 година како дете на улица што пита во Скопје со братчето и сестричето и неговата мајка. Тие се евидентирани како жртви на семејно насилство. Живеат кај вујко му. Во разговор и одобрение од мајка му, договоривме Амир да почне да го посетува Центарот за деца на улица. На почетокот беше многу срамежлив и му требаше подолго време да се адаптира. Дури и одбиваше да учи, да оди на училиште. Но со секојдневно настојување успеавме да направиме промена кај него. Во центарот тој добива хигиена, учиме комуникација, културно однесување, социјализација... И секако вежбаме предмети како македонски, математика, ликовно, музичко... Уште на почетокот Амир покажа интерес кон бројките. Вешт беше во решавање задачи, изнаоѓање решенија. Кога ќе се поставеше прашање, сам се јавуваше и без помош од никој го имаше одговорот - ни сподели Александра Лозаноска.
Секојдневната активност и секојдневната посветеност дадоа резултат.
- Тој навистина напредуваше, секако, и неговото знаење секој ден стануваше сѐ поголемо. Тој сега е деветто одделение. Наутро оди на училиште, секогаш е прва смена, а по училиштето доаѓа кај нас, вежбаме задачи, пишуваме домашна, учиме нови работи. Настојуваме да развие работни вештини. Акцент ставаме на образованието. Најголема желба ни е да се запише и да заврши средно. И да стане конкурентен на пазарот на трудот. Затоа со сите сили работиме на овие деца. Сакаме што е можно повеќе да им помогнеме. И секогаш сме отворени за нив. И во лето кога училиштата се на пауза, и за време на зимскиот распуст, ние цело време сме со нив, работиме, стекнуваме здрави навики. И вистинска среќа беше за нас кога Амир самоиницијативно сакаше да учествува во натпреварот по математика. Дознал за него и побара да му помогнеме и да го поддржиме да се натпреварува. Кога се врати со освоено трето место, сите нѐ изненади. Затоа секогаш сме отворени секој талент да го поддржиме - ни раскажува Лозаноска.
Дневниот центар за деца од улица постои од 2006 година, а успехот на Амир е прекрасна вест која во овие тешки времиња ги радува неговите наставнички и е позитивен пример за сите деца.
На децата на улица не им треба сожалување, им треба вистинска помош. Сиромаштијата не е да се нема пари, туку да се изгуби надеж. Амир Десанов е жив пример дека постојат луѓе со големо срце и дека има надеж.
Фото: приватна архива