X
 02.11.2017 Образование

Со стратегија до 2025 година oбразованието ќе ни цвета

Нацрт-документот што Министерството за образование го подготви во соработка со Европската Унија треба да донесе суштински промени во сите степени на образованието

Со обемна стратегија и акциски план што ги сработи Министерството за образование, со голема помош од Европската Унија, се очекува дека до 2025 година ќе се надминат многу горливи проблеми во образованието. Нацрт-документот вчера ресорното министерство го сподели со јавноста, допрва треба да помине низ јавна расправа, а Владата да го усвои. Во изготвувањето на стратегијата за образование (2018-2025) учествувале повеќе од 650 лица - јавни, образовни институции, стручни лица и чинители на полето на образованието. Стратегијата е сеопфатен документ и архива на многу важни податоци за образованието во сите нивоа – од претшколско до високо.


Стратегијата ќе биде насочена главно кон подобрување на: содржината на образованието и нејзината релевантност за развојните приоритети на македонското општество и за потребите на пазарот на трудот, како и за прифаќањето на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција, инфраструктурата на образовниот систем, вклучително градбите, опремата, наставните и асистивните технологии; капацитетите на човечките ресурси, вклучувајќи ги раководните лица, кадарот и стручните служби; квалитетот и делотворноста на образовниот процес; законодавството, управувањето и финансирањето.

Сите нивоа на образование се соочуваат со големи предизвици. Ги издвојуваме поважните во секој степен на образованието.

Претшколско образование

Предлог-стратегијата вели дека опфатеноста на децата во претшколското образование не е задоволителна и системот има ограничени можности за опфаќање на децата со посебни образовни потреби.

- Условите за учење во предучилишните установи се незадоволителни; неконзистентно се спроведуваат нормативите и стандардите во предучилишните установи; речиси воопшто не се користи ИКТ во предучилишните установи.
- Постојните стандарди за рано учење и развој на децата треба да се ревидираат; контролата на квалитетот не функционира; не се спроведува интегрирано мултикултурно воспитување и образование на децата на предучилишна возраст; слаба е соработката со останатите нивоа на образованието, а особено со високото образование.
- Системот страда поради недоволен број на кадар во предучилишните установи, што е придружено со недоволно јасно дефинирани компетенции и стандарди за директорите, воспитувачите, негувателите и стручните служби на градинките.
- Раководењето и управувањето со предучилишните установи се неефикасни, се преклопуваат одговорностите на разни структури кои се одговорни за предучилишниот образовен систем, т.е. МОН, МТСП и Министерството за локална самоуправа (МЛС); слаба е соработката со родителите, заедниците и бизнис-секторот.

Основно образование

- Недостигаат стандарди кои би требало да ги дефинираат резултатите од учење во секој циклус на основното образование, наставниот план е преоптоварен, а наставните програми не се доволно релевантни за локалната средина. Во повеќето училишта недоволно или несоодветно се предава Образование за животни вештини (ОЖВ), а претприемачките вештини се на ниско ниво, и кај учениците и кај наставниците.


- Во повеќејазичните училишта учениците се раздвоени според јазикот на кој се одвива наставата (работат во различни смени, објекти, катови, различна администрација итн.) поради што немаат доволно можности за интеракција, недоволно е застапено мултикултурно/интеркултурно образование во наставните и воннаставните активности, како и во некои од учебниците.

- Мерките за надминување на поделбата по етнички линии во училиштата не се доволни и сегрегацијата во училиштата влијае врз општествената кохезија и интеретничка интеграција.

- Децата со посебни образовни потреби не се доволно вклучени во редовното основно образование. Нивното вклучување во редовните училишта не е доволно уредено и не се воведени соодветни механизми за тоа. Освен тоа, постојат предрасуди кон овие деца кај родителите, наставниците и учениците. Исто така, наставниците не поседуваат доволно компетенции за работа со оваа категорија ученици.

- Недостигаат и соодветни системски решенија за идентификација и работење со талентирани ученици.

- Малолетниците сместени во воспитно-поправните домови се исклучени од системот на основното образование, поради што и нивната интеграција во општеството е попречена.

- Нема доволно дидактички материјали и дидактички ресурси за наставата да се одржува на сите наставни јазици (во тој опфат спаѓаат и асистивни технологии за ученици со посебни образовни потреби), специјализираните кабинети по одредени предмети не се целосно снабдени со наставни помагала.

- Дел од одделенијата имаат преголем број на ученици, а во некои општини не е усвоена регионализацијата. Ова дополнително се усложнува и со непочитувањето на правилата за безбедна и сигурна училишна средина во повеќе училишта.

Средно образование

- Наставните планови се преоптоварени и сè уште постојат наставни програми што се застарени и не овозможуваат континуитет на когнитивниот и социо-емоционалниот развој на учениците, не ги поддржуваат модерните пристапи за одржување на наставата и не ги отсликуваат актуелните социјални процеси.

- Дел од учебниците се застарени и содржат стереотипи, предрасуди, стигматизација и во нив недостигаат елементи на коегзистенција, почитување на различностите, интеграција, мултикултурализам, што е дополнително комплицирано со демотивирачкото законодавство за изработка и ревидирање на учебници.

- Мултикултурното/интеркултурното образование не е отсликано во наставните или воннаставните активности. Постојат бариери што ја попречуваат интеграцијата на учениците кои учат на јазик поинаков од нивниот мајчин јазик; учениците кои учат на различен јазик во училишта во кои наставата се одржува на повеќе јазици најчесто се одделени во смени, згради, катови, па дури и со засебна училишна администрација.

- Дисперзијата на средните училишта е несоодветна (со особено слаба пристапност до училиштата во регионите) што e придружено со преголем број ученици (до 40 во паралелка) во некои училишта.


- Физичкиот (објектите, опремата за вежбање и останатата опрема) и дидактичко-методолошкиот пристап е многу слаб во повеќето средни училишта; условите за инклузија на учениците со посебни образовни потреби се исклучително ограничени.

- Наставниците не добиваат соодветна практична подготовка за време на иницијалната обука или практиканството; нема доволно професионализам и политичка неутралност кај директорите на училиштата; стручните служби се недоволно екипирани според потребите на училиштата (на пр., според бројот на учениците, јазикот на кој се одржува наставата); последниот фактор доведува до низок квалитет или барем до ограничен опсег на такви услуги, како што се кариерното советување или насочувањето на надарените и талентираните ученици.

Стручно образование

- Стручното образование и понатаму не привлекува доволен број ученици (освен одредени струки во областите на здравството, економијата и правото) и сè уште не е воспоставен современ систем на постсредно образование;

- Се забележува несовпаѓање меѓу понудата на кадри од системот за стручно образование и обука и побарувачката на пазарот на работна сила; системот за воведување нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис-секторот за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна.

- Се забележуваат значителни недостатоци во знаењата на наставниците за современите технологии поврзани со наставните предмети, а таа состојба дополнително ја усложнуваат и ниската мотивираност на наставниците и недоволно развиениот систем за стручно усовршување и напредување во кариерата; особено од тие причини преовладува традиционалниот приод кон водењето на образовниот процес.

Високо образование

- Недоволниот квалитет на високото образование е проследен со нецелосно функционален систем за акредитација и евалуација на универзитети; студиските и предметните програми не одговараат на потребите на пазарот на трудот; сè уште се појавуваат феномени како што е плагијаторството во пишаните дела на студентите и професорите; системот за практична обука на студентите е несоодветен.

- Високото образование не обезбедува систем за редовна контрола на квалитетот.

- Високообразовниот систем има премногу регулативи, што се одразува врз автономијата на универзитетите. Истовремено, раководењето на универзитетите/ факултетите не е доволно партиципативно и учеството на студентите во управувањето на универзитетите сè уште е номинално.

- Побарувањата (критериумите) за упис во универзитетите сè уште се ниски, но пристапот до високото образование за различни ранливи групи е ограничен, дури и нема доволно информации за можностите за нивно вклучување на универзитетите.

- Се продолжува со експанзија на студиските програми без соодветна анализа на потребите на пазарот на трудот и на капацитетите за нивна реализација.

- Недоволни компетенции на наставниот кадар на универзитетите, што е дополнително отежнато поради недоволните можности за професионална надградба, развој и мобилност на академските кариери; на универзитетите недостига млад кадар поради слаба мотивираност и недоволно отворени работни позиции; висок е соодносот студент/наставник.

 

- Во различни сфери на високото образование постојат проблеми како што се: тешкотии со издавање додаток на диплома, недоволно можности за учење на далечина поради нецелосна законска рамка и слаб развој на онлајн-платформи за учење, недефинирани критериуми за финансирање на високото образование, реално отсуство на трипартитна соработка помеѓу државата, академијата и бизнис-заедницата.

- Финансирањето на истражувањето останува на незадоволително ниво, што значително придонесува за несоодветната инфраструктура на научноистражувачките центри при универзитетите; приоритетните тематски области на истражување не се реформирани; пристапот до глобални научни податоци е ограничен;

Стратегијата го опфаќа и неформалното образование на возрасните.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование