X
 10.11.2017 Технологија

Ново предупредување: престанете да ја „вооружувате“ вештачката интелигенција!


Терминатор
(Фото: Youtube printscreen)


Од научните кругови и од стручните лица за роботика и вештачка интелигенција доаѓа уште едно предупредување за опасност од таканаречените „роботи-убијци“.

Многу научници во текот на последните години во повеќе наврати предупредуваат на опасноста од таканаречените „роботи-убијци“, односно уреди како дронови и роботи дизајнирани за водење војна кои се придвижени од вештачка интелигенција, кои би можеле сами да одлучуваат за избор на цели за напад. Ако полицијата или војската во иднина навистина почне да користи вакви роботски уреди – а некои земји веќе ги развиваат – тоа би значело дека во иднина роботите и вештачката интелигенција ќе носат одлуки за тоа кој ќе живее, а кој ќе умре, па ни останува само да замислиме што би можело да се случи кога тие би излегле од контрола.

Пред неколку месеци голем број научници и стручни лица на ова поле потпишале петиција во која бараат забрана за развивање такви роботи, а оваа недела научниците од Австралија и од Канада пратиле отворено писмо до премиерите и владите во своите земји од кои бараат заземање „цврст глобален став против вооружување со вештачка интелигенција“. Исто така, од владите се бара и соработка со другите земји за постигнување меѓудржавен договор во врска со забрана на развојот, односно користењето вакви автономни воени системи, на сличен начин како што беше постигнат договорот за нуклеарно вооружување во 1970 година, напоменуваат на „Мешебл“.

Од овие две држави, исто така, се бара да се заземат позиции на морално лидерство и спречување на нова револуција во војувањето, каде што главната улога би ја имале машините и вештачката интелигенција наместо луѓето.

Во двете петиции, односно писма што се потпишани во рок од неколку месеци, повеќе од 300 научници и стручни лица за роботика и вештачка интелигенција изразија загриженост во врска со автономните системи, дронови и роботи кои во моментов ги развиваат војските на неколку големи земји во светот, а врз кои луѓето нема да имаат контрола, И додека луѓето сепак се свесни (или барем би требало да бидат) за „етичката линија“ во војувањето која не смее да се премине, вештачката интелигенција најверојатно нема да ја поседува таа свесност, па нејзините акции би можеле да бидат погубни и катастрофални, можеби и за целото човештво.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија