Романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска ќе биде македонски претставник на меѓународната книжевна награда „Балканика“.
Комисијата во состав на: Лидија Капушевска, Ермис Лафазановски и Елизабета Шелева едногласно, го избра извонредното дело на Димковска, во издание на „Или-Или“, а во избор од 14 дела. Комисијата ги издвоила и романите „Круг“ на Димитар Башевски и „Бродот Конзархија“ од Томислав Османли.
Во образложението стои:
- Тоа е „роман-метафора, прегнантно срочено четиво за животот и смртта во кој заемно се проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието, индивидуалните и колективните судбини, големите и малите наративи, домот и туѓината, црно-белата перцепција на стварноста и на човековото постоење, воопшто. Овие универзални вистини се пренесени низ моќната, возбудлива и сугестивна нарација на Лидија Димковска, позната од нејзините претходни романескни остварувања.
„Балканика“ е една од најзначајните книжевни награди во регионот, која со своето постоење од 1996 година, претставува редок позитивен пример на одржлива културна соработка меѓу балканските држави. Во Фондацијата „Балканика“ членуваат издавачки куќи од седум балкански држави, и тоа: Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција и од Романија.