X
 03.05.2020 Живот

Како Кирил Лазаров го поминува карантинот, кој е нашиот најстар факултет, Македонка работи во Ковид-центарот во Марибор... Што пишувавме неделава

Како нашиот ракометен репрезентативец Кире Лазаров ги поминува деновите во изолација, што пишуваат македонските автори во време на пандемија, кој факултет е најстар во Македонија. Приказна за тројца студенти по етнологија и антропологија кои под водство на нивната менторка решиле на интересен начин да ви пренесат дел од фолклорната традиција, како аматерската фотографија на битолчанецот Никола Димитровски влезе во најтесна селекција на предизвикот што на „Инстаграм“ го реализира светскиот културен центар „Рокфелер“, приказната за Петра Јанеска од Гостивар која работи во Ковид-центарот во Марибор. Ова се текстовите што ги објавивме изминатата недела.




На писателите им треба тишина и изолација за да творат. Се чини дека периодов тие се едни од ретките на кои осамувањето не им пречи. Прашавме неколку наши писатели и поети што пишуваат периодов, дали имаат инспирација и дали самоизолацијата на некој начин им влијае врз делата што веќе почнале да ги пишуваат. Разговаравме со Венко Андоновски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Ана Стојаноска и Трајче Кацаров.



Фотографија на битолчанецот Никола Димитровски снимена од неговиот дом влезе во најтесна селекција на три фотографии од цел свет на предизвикот што на „Инстаграм“ го реализира светскиот културен центар „Рокфелер“. Аматерската фотографија со поглед кон Пелистер го инспирира американскиот илустратор Сем Калда да нацрта дело и да се најде на инстаграм-профилот на Светскиот културен центар „Рокфелер“.

Ракометарот Лазаров со семејството

По прогласувањето на пандемијата на коронавирусот во Франција, Кирил Лазаров решил со семејството да остане во Нант, Франција, каде што игра за тамошниот ракометен клуб со исто име. Периодот на изолација му дозволува повеќе време за одмор и дружење со сопругата Љубица, синот Благојче (14) и ќерката Лана (12). Физичката кондиција ја одржува секој ден, колку што му дозволуваат условите во домашна атмосфера. И во овие тешки времиња, иако е далеку од својата земја, помислува на својот народ, особено на луѓето што живеат во неговиот роден град Свети Николе. Лазаров донира средства за помош на тамошната болница.



Изолацијата и затворањето на образовните установи инспирираа многу студенти да ја изразат својата креативност. Тројца студенти од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје снимија видеотуторијали во кои покажуваат како се играат неколку македонски ора, под менторство на д-р Илина Јакимовска, редовен професор на Институтот.



Во рубриката ДАЛИ ЗНАЕТЕ пишуваме за најстариот факултет во Македонија.

Со девет професори, 33 студенти, во зградата на познатата османска Идадија – учителската школа во тогаш западната периферија на Скопје, на 16 декември 1920 година започнал со работа првиот факултет во Македонија, тогаш дел од Кралството на СХС.

Петра Јанеска

За гостиварката Петра Јанеска (25) работата како медицинска сестра во Ургентниот центар Ковид-19, во Универзитетскиот клинички центар во Марибор, Словенија, е голем предизвик. Вели дека со насмевка оди и се враќа од работа, иако темпото е многу динамично и стресно. Со својот тим работи од 8 до 12 часа на ден, надвор, на различни временски услови. Јанеска ги завршила студиите во Словенија со просек 10. Истиот просек го зачувала и на магистерските студии, кои се во тек. Автор е и на повеќе трудови за деца со посебни потреби. Во интервјуто за Факултети.мк таа раскажа како се борат со коронавирусот медицинските лица во оваа земја.


Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот