X
 27.04.2020 Наша тема

Што пишуваат нашите автори во изолација?

На писателите им треба тишина и изолација за да творат. Се чини дека периодов тие се едни од ретките на кои осамувањето не им пречи. Прашавме неколку наши писатели и поети што пишуваат периодов, дали имаат инспирација и дали самоизолацијата на некој начин им влијае врз делата што веќе почнале да ги пишуваат.


Венко Андоновски


Венко Андоновски: „Доаѓа Папокот на светлината“


- Откако почна изолацијата, одеднаш станавме свесни што значи времето и колку е релативно: за оној што нема работа и обврски, па се досадува, една минута е цела вечност, за оние што работат и имаат обврски, еден ден трае една минута. Мене деновите ми се минути. Решив конечно да му се посветам на мојот започнат (а неколкупати прекинуван) роман „Папокот на светлината“. Сите што го читале мојот роман „Папокот на светот“ (напишан пред 20 години), сигурно потскокнаа. Да, не е печатна грешка: сега работам на „Папокот на светлината“. Ме интересира каде се раѓа онаа Светлина што ја просветлува (а не само ја просветува) душата, кој го сече Нејзиниот папок, како се случува некој цел живот да го бара папокот на Светлината (Бога), а некој да се задоволи да му биде облека на ѓаволот (ѓаволот сака да се облекува во човековото тело; тоа грешно тело е омилената облека на нечестивиот!) 

Овој роман е во знакот на Светото тројство: тројца навидум различни раскажувачи раскажуваат три навидум неповрзани приказни, сите љубовни на свој начин, три наративи кои на крајот се сврзуваат во еден, можен роман. Нема да се погреши и ако се каже дека во овој роман три куси романи сраснуваат еден во друг и сите заедно прераснуваат во една архицелина. Трите дела се насловени: Облеката на ѓаволот; Графитниот љубовник и Папокот на светлината.

Досега двојството беше одлика на моите романи: секогаш имаше една приказна во минатото и една во сегашноста; сега тоа е тројството. Сакам овој роман да биде и нов клуч за читање на „Папокот на светот“. Сакам Тројството на Светлината да го надмине дуализмот на светот. Дуализам кој и го уништи стариот свет, со сите негови морални вредности и го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене Новиот Продуховен Свет. Се надевам, брзо по исчезнувањето на вирусот... А мојот роман нека биде прилог кон тој нов свет...


Лидија Димковска


Лидија Димковска: Што ако го опсипеме коронавирусот со поезија и љубов


- Овој период напишав многу стихови, повеќето сѐ уште необликувани во завршени песни. Инспирацијата е миговна, миговите се недоброј, времето се чини дека е на претек, а емотивната слика е црно-бела, па и стиховите се прилично мрачни или носталгични. Ми навираат многу сеќавања од минатото кои бараат поетски филтер, но напати ме зафаќа и антикоронски хумор, како пред некој ден кога еден пријател, поет, ме праша дали имам некоја песна за епидемијата. Ама те молам, му реков, зарем сега и песни да му пишувам на коронавирусот? А потоа ме фати црнохуморна смеа: што ако го опсипеме коронавирусот со поезија и љубов, ако почнеме од него да правиме идол, ако го љубиме заслепено, патетично и најсилно на светот – можеби тогаш ќе му се смачи од нас и ќе си замине? Како во љубовните приказни кога достижната љубов не е предизвик за оној што е претерано сакан? Можеби треба и на таков начин да се пишува овој период, со цел да се избрка од нашиот живот? 


Во секој случај, не верувам дека ќе се напише којзнае колку квалитетна литература за епидемијата додека таа трае: на добрите приказни им е потребна временска дистанца. Сепак, деновиве се мислам, односно собирам сили да се фатам во костец со романот што го започнав уште пред извесно време – тогаш идејата ми се чинеше дистопична, а сега реалистичка: отуѓувањето како експеримент. Денес, иако пред сѐ физички, го живееме како реалност која би требало да нѐ заштити и спаси. Во меѓувреме преведов една прекрасна книга за деца – „Грозовилата и Дивата зима“ од словенечката авторка Јана Бауер, се изначитав убави книги и се изнаодговарав на прашања за интервјуа или на предлози за текстови за тоа како го доживувам периодот на епидемијата, што правам, за што размислувам и што пишувам.


Билјана Црвенковска


Билјана Црвенковска: Пишувам поголема книга за „Светот на Биби“, а и роман за возрасни


- Моменталната ситуација ме погодува, верувам како и сите други, особено намаленото движење и одењето во природа. Но, и покрај тоа, периодов пишувам многу, дури повеќе пишувам одошто успевам да прочитам нешто. Дел од работите што ги пишувам ми се „работа“: цртани филмови, сказни, текстови и една поголема книга за „Светот на Биби“, сценарија за ТВ-серии за неколку продукции, задачи за децата од работилниците по креативно пишување во Детскиот креативен центар во МКЦ... Но, чудното, да речам дури и предапокалиптично расположение што ме обзеде ме инспирира да почнам нов роман „за возрасни“ – еден епистоларен футуристички експеримент кој се надевам дека ќе успее... А бидејќи пишувам како што читам (повеќе книги истовремено, па ја „фаќам“ онаа што ми одговара на расположението), работам и на уште две книги: збирка раскази за деца (а и за возрасни) со наслов „Приказни од Sунливото Море“, од кои дел може да се прочитаат и на страницата на е-списанието за деца „Чудна шума“, која ја креирав и ја уредувам, а каде што може да се најдат прекрасни песни и приказни за деца од наши реномирани автори и, конечно (но мошне бавно) – на продолжението на романот „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ – „Мистеријата на стариот часовник“.



Оливера Ќорвезироска


Оливера Ќорвезироска: Пишувам помалку од вообичаено


- Можеби читам малку повеќе од вообичаениот личен читателски ритам, но тоа не го сметам за најбитно во овој домаседечки период. Она што ми нуди вистинска различност од секојдневието какво што ми беше порано, а сега е далеку зад мене, е фактот што читам регионална книжевност, актуелна и постара која, ете, сум ја пропуштила поради којзнае кои причини. Откривам нови автори за кои само имав чуено (дури ни тоа понекогаш!), кои целосно ме обземаат со своите писма. Романите на Дарко Цвијетиќ („Шиндлеровиот лифт“), на Лана Басташиќ („Фати го зајакот“), на Дамир Каракаш („Сеќавањето на шумата“), но и романот „Остров“ на Меша Селимовиќ се последните што ги прочитав и од кои и буквално и метафорично не можам да се ослободам. Читам и поезија за деца, особено на „Чудна шума“ и тоа, освен што ме расположува, ме полни и со надеж дека се појавуваат нови, прекрасни автори и во овој деликатен и тежок жанр.

 Пишувам помалку од вообичаено, понекоја куса проза, но педантно ги бележам впечатоците од книгите што ги читам (и од песните за деца, секако!), така што веројатно критиката што допрва ќе ја пишувам ќе ми остане како некакво творечко наследство од домаседењево.


Владимир Мартиновски


Владимир Мартиновски: Многу повеќе читам

Зa време на домашната изолација многу повеќе читам - се обидувам да ги прочитам книгите што долго чекале на ред, а препрочитувам и книги што ми се многу значајни. Паралелно работам на два нови ракописи: стихозбирка со песни за деца и нова книга компаративни есеи. Првата има работен наслов „Шах со Бах“, а втората - „Далеку а блиску“. Паралелно работам на редактирање на две книги (од Силвен Тесон и Никола Боало), кои ги преведувам од француски, а би требало да излезат од печат во текот на годинава. Oд ракописот „Шах со Бах“ веќе две песни беа неодамна објавени на електронското списание за деца „Чудна шума“: песните „Хористи“ и „Пролет, лето, есен, зима“.



Веќе ниту ми се чита, ниту ми се пишува. Изгледав сто филмови. 
Ми се слоши од силуваната музика, особено од балконската. 
Ништо не ме пали. Сакам да ме тестираат дали сум нормален!
Жонглирам со син ми, се бутаме на рака, играме бејзбол... 
Оптимизмот ми заврши во атомската скривница во суспектното 
подрачје на мојот инфициран мозок. 
Удирам со глава во ѕид (со маска на лице, секако), му ја 
оспорувам излишноста на орбитрекот, си ја виткам долгата 
сина коса. Гоблени – ете зошто на времето везеле гоблени.
Со другарите си разменуваме глупави видеа. Се смеам ко зелен.
Се навлеков на храна. Лицето ми е подуено како на давеник.
Престанав да чекам да помине. Нешто е чудо за три дена, нешто 
за три месеци. Опстојувам во отсуство на еден куп ускратени 
убавини и едвај чекам да ја фатам пролетта за јоргован. 
Се гледаме наскоро на некое од „нашите“ мориња! Без брисови и 
тестови, без избегнувања и дистанци, без маски и гаќи за капење!   
Ќе јаваме бранови како да не сме допреле облаци

Петар Андоновски (фото: Наташа Атанасова)


Петар Андоновски: Ова е вистинско време за писателите

- Најголем дел од времето го поминувам во пишување на мојот четврти роман ,,Неверство“, кој треба да излезе во септември во издание на „Или-Или“. Колку и да звучи бизарно, ова е вистинско време за писателите. Изолацијата ми дојде супер. Од една страна, среќен сум што најпосле имам време да го правам тоа што најмногу го сакам и за кое мислам дека најмногу ме бидува, а од друга страна, пишувањето ми дојде како терапија. Додека пишувам, пред мене се отвoра еден нов свет и тоа ми го олеснува седењето дома.

Раскажан во прво лице, романот нѐ воведува во љубовниот триаголник меѓу тројца поранешни пријатели. Протагонистите, обидувајќи се да се ослободат од товарот на минатото, сфаќаат дека тоа е возможно само доколку се соочат со него.

„Неверство“ е роман за внатрешните борби, за отуѓеноста меѓу партнерите, за истрајноста во барањето на вистината. Романот е отпор насочен кон лажниот морал и лагите што секојдневно се сервираат како неприкосновени вистини.


Давор Стојановски


Давор Стојановски: По 5 години компонирав нова песна

- Од аспект на творечкиот процес, писателот секогаш е во изолација, така што принудната изолација поради пандемијата за мене не смени ништо. Сепак, привремениот прекин со надворешниот свет ми даде повеќе време за дружба со семејството и деновите ги минувам уживајќи во ситниците на нашето секојдневје, шетајќи во природа и радувајќи се додека одблизу го согледувам растењето на ќерка ми. Пред два месеца ја завршив драмата на која работев долги години, така што сега сум во период на пишувачка инкубација и активно читам, а тоа за мене секогаш е невидлив премин кон активното пишување. Новите замисли и скиците за следниот роман ги запишувам, но конкретната приказна сè уште ми бега од дофат. Затоа периодов повеќе ѝ се посветив на музиката и по пауза од приближно 5 години компонирав нова песна.


Ана Стојаноска


Ана Стојаноска: Пишувањето си зема замав

- Покрај многуте онлајн-часови, учење и играње со моето дете, создавање време повеќе од тоа во 24 часа, пишувањето си зема замав, зашто можеби и на тој начин ми помага да се носам со изолацијата. Романот што го пишувам, четврти по ред (третиот „Лебед“ уште не е објавен), го насловив „Ние“. Станува збор за исповед на една старица која во кратки поглавја го реконструира нејзиниот соживот со брачниот партнер. Книгата си игра со сеќавањата, давајќи ни ги двете страни на приказната, потпирајќи се на емоцијата и на невозможните услови во кои се создава. „Ние“ е роман за една љубов, брак, заеднички соживот, составен како сложувалка од кратки поглавја во кои времето тече, стои, се дуплира, а истовремено ни ја нуди и машката и женската приказна.

Трајче Кацаров


Трајче Кацаров: Наутро пишувам, навечер читам

- Во изолација не работам ништо поинаку што го работев пред тоа. Значи по старата шема: наутро пишувам, навечер читам. Го привршувам мојот нов роман со работен наслов „Како го убив Мандрак“. Се подготвувам за онлајн-настава, а и чекам, не сакам да кажам, дека сонувам за денот кога ќе можам ширум да ги отворам прозорците и на сет глас да ревнав: „Чекај ме, природо, ти се враќам!“
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема