X
 11.12.2017 Живот

Нов тренд: Училиштата забрануваат најдобар пријател

deca

Последниве години трендот на забранување на најдобриот пријател зема замав во градинките и во училиштата низ Америка и Европа, а неодамна предизвика медиумско внимание откако британскиот принц Џорџ почна да оди во градинка каде што не му е дозволено да има најдобар другар.

Зад оваа практика е ставот дека за децата не е добро да се потпираат еден на друг, бидејќи емоциите ги ставаат на „една карта“, а од друга страна се ограничуваат во откривањето на другите опции. Поради тоа, воспитувачите и наставниците инсистираат на играње во големи групи, истовремено обесхрабрувајќи го одржувањето на блиски пријателства.

Освен што немањето најдобар пријател ги штити од чувството на губење ако пријателството се прекине, оваа практика наводно ги штити од чувството на отфрленост оние деца што немаат најдобар пријател. Во време кога децата се доживуваат како кревки и емотивно неспособни да се изборат со реалноста на меѓучовечките односи, овој тренд изгледа како логичен чекор во „поправање“ на светот, со што помалку ќе се трауматизираат малите.

Но психолозите велат дека најдобриот пријател има голема важност за здрав ментален и емоционален развој. Во истражувањето објавено во списанието „Детски развој“ е утврдено дека луѓето што имаат поквалитетни блиски пријателства покажуваат помалку нервоза и повеќе самодоверба, како и помалку симптоми на депресија до 25-тата година.

„Нè изненади што блиските пријателства во младоста се важни, и тие влијаат врз подоцнежниот живот“, вели лидерот на истражувањето, Рејчел Нар, од Универзитетот „Вирџинија“.

Друго истражување покажало дека се посреќни луѓето што се стремат да имаат помал број блиски пријатели отколку оние што се сметаат за популарни во еден поширок општествен круг. Луѓето што повеќе ја ценат популарноста отколку блиските односи имаат полошо здравје и почесто се депресивни, додека за луѓето со најдобри пријатели важи обратното.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот