X
 13.12.2017 Технологија

По што ќе ја паметиме 2017 според „Гугл“

Што се случуваше во годинава што изминува? Од „Гугл трендс“ објавија емотивно видео во кое се собрани речиси сите поголеми случувања од светот во 2017 година.

фото извор: LinkedIn

За жал, преовладуваат низа природни катастрофи, а сигурно дека 2017 година ќе се памети особено по ураганот „Ирма“. Несомнено дека големо внимание јавноста обрна и на Северна Кореја и на тестирањата на нејзините проектили, со што загриженоста во светот значително се зголеми. Главна тема годинава беше и биткоин-технологијата и сè поврзано со неа. Меѓу најбараните и најчитаните случки на интернет се и престрелката во Лас Вегас и соларната еклипса.

Што се однесува до познатите личности, медиумите ги преплави холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, со обвинувањата за злоупотреба. Меган Маркл е на првото место што се однесува до популарноста во сајбер-просторот.

„Ајфон 8“ беше уредот за кој најмногу се зборуваше во светот на технологијата, за неговите карактеристики, цена, очекувања и новитети.

Годината ја обележаа и изборите во Франција, Германија, Велика Британија, па може да се каже дека светот беше сведок на промени во политичка смисла.

Сите може да се согласат дека светот на музиката доживеа вистински бум со огромниот хит на Луис Фонси, „Деспасито“, кој несомнено беше најслушаната песна за 2017 година. Исто така, оваа година музичкиот свет ќе ја памети по трагичната смрт на рок-ѕвездата Крис Корнел и пејачот од познатиот бенд „Линкин Парк“. Што се однесува до ТВ-настаните, може да се каже дека една од најпопуларните серии што ги освои симпатиите на гледачите е „Чудни работи“ („Stranger Things“) и се разбира, тука е и мегапопуларната „Игра на троновите“. Во светот на филмот, пак, најголемо внимание доби „Вондер вуман“.

Во продолжение погледнете го видеото на „Гугл трендс“ во кое се зборува за изминатите настани и моќта на ширењето и споделувањето информации.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија