Скоро 280 илјади луѓе погинале од 1600 година заради вулкански активности, а многу од тие смртни случаи се поврзуваат со секундарните опасности од главната ерупција.
Во изминатите 30 години, бројот на смртни случаи е прилично намален, но тоа се поврзува генерално со среќа, а не со подготвеност. Имено, на преминот на столетието нема пад на вулканската активност, а и понатаму голем број на вулкани се закана за огромен број на луѓе.
Везув, Италија
Најпознат е по ерупцијата која во 79 годин а ги уништила Помпеја и Херкуланеј, но и понатаму е закана за Неапол и околината во која живеат повеќе од три милиони луѓе. Вулканот е познат по силните ерупции кои се карактеризираат со исфрлање на големи облаци од гасови и прашина кои се протегаат до стратосферата. Во денешно време потресите кои би претходеле на ерупција би биле знак за навремена евакуација на луѓето.
Нирагонго, Конго
Вулканот во средна Африка еруптирал неколку пати во изминатите децении, но ерупциите не биле претерано силни. Неговиот кратер е широк два километри и езерото од лава во него било најголемо познато езеро од лава. Најголемото ниво на езерото било 3175 метри, а тука лежи најголемата опасност. Пред 15 години дошло до пукање на врвот на вулканот и реката од лава се спуштала со брзина од 60 километри на час кон градот Гома, па два метри високата лава прекрила делови од градот. Повеќе од 300 илјади луѓе биле евакуирани.
Попокатепетл, Мексико
Активниот вулкан се наоѓа на само 70 километри од Мексико Сити во кој живеат 20 милиони луѓе, а минатата година исфрли облак од пепел висок пет километри. Иако најчесто исфрла само пепел, тој слој може да ја прекрие планината со дебел слој кој помешан со вода може да се претвори во поплава.
Кракатоа, Индонезија
Во големо цунами во 1886 загинале 36 илјади луѓе, а предизвикано било од ерупција која имала енергија како 13 илјади бомби фрлени на Хирошима. Вулканскиот остров тогаш бил потполно уништен, но низ 50 години се појавил нов кој денес е висок околу 300 метри. Пред 10 години започнале нови вулкански активности, но не се знае дали пак може да има силна ерупција, но сепак претставува голема закана.
Чангбишан, Кина
Последната ерупција на овој вулкан била во 1903 година. Ерупцијата која била забележана околу 969 година била една од најсилните во изминатите 10 илјади години. Ако дојде до пукање на неговиот врв, езерото од лава може да го загрози подрачјето на кое живеат 100 илјади луѓе. На почетокот на ова столетие започнало засилување на вулканските активности. Инаку, вулканот се наоѓа на границата на Кина и Северна Кореја.