Режисерката Наташа Поплавска на публиката повторно ќе ѝ понуди музичко сценско искуство во нова приказна напишана во соработка со Ристо Вртев. Станува збор за кабаре-претставата наречена „Животот е...“. Премиерата е закажана за утревечер на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20 часот, а првата реприза ќе биде на 19 февруари в година. Поплавска на најновиот проект работеше заедно со кореографот Олга Панго.
- Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс, преку случките од некогашниот Берлински Кит Кет кабаре клуб, ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез-звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп-звуци на пионерите на електронската музика Крафтверк – стои во описот на претставата.
Во кабарето настапуваат: Марија Димитријевиќ како солист, Иван Вртев, Андру Кук, Дафина Данилоска-Кочевска, Маја Митровска-Богојевска, Биби Басмаџиева-Ковачевски, Анела Велевска, Ангела Богатинова, Сарина Стојановска, Михаела Перевска и Мартина Аврамовска.