X
 17.01.2022 Живот

Лекарската комора со осуда за нападот врз лекар

Од Лекарската комора објаснуваат дека подолго време лобирале и биле вклучени во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник ќе се смета за напад на службено лице, за што Јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата

Лекарската комора го осуди последниот напад врз лекар на работното место и апелира пратениците побрзо да ги донесат законските измени со кои вакви напади ќе се сметаат како напад на службено лице.

Лекарската комора најостро реагира и го осуди случајот во кој пациент викендов физички нападна лекар на работно место во Општата болница во Охрид. Комората апелира до пратениците во Собранието што побрзо да ги донесат законските измени со кои напад на здравствен работник на работното место ќе се смета како напад врз службено лице.

- Искажуваме поддршка за нападнатата колешка и благодарност до оние што реагирале здраворазумно и спречиле поголем инцидент. Во услови на пандемија која трае веќе речиси две години, лекарите секојдневно се наоѓаат под притисок да одговорат на потребите на зголемениот број пациенти, а заканите, како и физичките и вербални напади, само го отежнуваат давањето здравствена услуга и негативно влијаат врз нејзиниот квалитет - соопшти Лекарската комора и додава дека во услови на пандемија, кај нас како и пошироко во светот, насилството врз здравствените работници стана понагласен проблем.

Според Комората, лекар кој се чувствува небезбедно на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски.

- Лекарите и пациентите имаат иста заедничка цел, а тоа обезбедување квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне преку заедничко дејствување и соработка – велат од Лекарската комора.

Оттаму објаснуваат дека подолго време лобирале и биле вклучени во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице, за што Јавното обвинителство ќе покренува кривична пријава по службена должност и ќе има кривична одговорност.

- За ова да стапи во сила, се направија измени на Законот за здравствена заштита кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура. Апелираме пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија - се вели во соопштението на Лекарската комора на Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот