X
 13.07.2024 Наша тема

Излегување надвор најдоцна до 9 часот, многу течности и малку храна: Препораки од лекар како да се однесуваме на топлотниот бран

Метеоролозите и лекарите апелираат граѓаните да бидат внимателни во следните седум дена во кои се очекуваат екстремно високи температури и да ги слушаат советите од надлежните.

Топлотниот бран го вклучи алармот во Македонија и во регионот, целата земја е во портокалова фаза. Следните денови, освен в недела кога во попладневните часови ќе има услови за изолирана нестабилност со дожд и грмежи, се очекува да биде сончево и топло, а дневната температура ќе надминува над 40 Целзиусови степени.

Д-р Лидија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари, дава препораки како да се однесуваат граѓаните за време на топлотниот бран, со посебен акцент на повозрасните граѓани.

- Македонија е земја на постаро население кое мора да плаќа сметки и да си купи храна, немаме служби низ земјава кои може да им ги достават потребните работи на луѓето. Препорачувам постарите граѓани да ги завршуваат сите обврски во раните утрински часови, најдоцна до 9 часот.
Секогаш да носат лесна облека, претежно светла, памучна или ленена облека, да носат шише вода за рехидратација, поради тоа што навистина бројот на колапси и бројот на инфаркти е висок. Утрово имав трет инфаркт за две недели во ординација. Да не се прејадуваат, да не работат физичка работа, како редење и цепење дрва, сето тоа придонесува нивните артериосклеротични крвни садови да не можат да издржат на вакви температури. Дури вечерта по 19 часот може да прошетаат, како лекари препорачуваме да пешачат и до 10 километри поради микроциркулацијата – истакна Дервишова.



Докторката вели дека препораките за децата кои знаат да се заиграат и во период од денот кога е многу топло, не користејќи сенки, се исти како и за старите со тоа што тие доаѓаат дома испотени и најважно е да не пијат многу ладна вода.

- Најбитно е да не се пие многу ладна вода на 40 степени. Веднаш ќе се јави гнојна ангина. Бањати да не седат под клима и да не заспиваат под клима. Потребна е климата, ама да струи од друга страна. Вртоглавиците се сѐ почести затоа што кога излегуваат надвор, се јавува разлика во температурата – додаде Чолакова-Дервишова.

Таа порача граѓаните да водат малку поумерен живот и малку повеќе да мислат на своето здравје, да консумираат малку храна или воопшто да не се јаде во најжешкиот период, единствено да се внесуваат течности кои не се ладни.

Како вонредна мерка Здружението на приватни лекари побара за време на екстремните температури хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите. За ова барање веднаш е информирано Министерството за здравство.

- Да не мора ние на 40 степени да ги препраќаме старите пациенти до специјалисти да им препишуваат терапија која ја примаат со месеци. Се случува интернисти да дадат изјава дека морало да ги праќаме на „Мој термин“ за нови препораки. Сите треба да сме свесни, огромен број од специјалистите не се ставаат на „Мој термин“ и ние им даваме итен упат на пациентите. Не може вие на закажан термин да ги праќате за препорака на лек - додаде д-р Чолакова-Дервишова.

Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата донесе препораки за ослободување од работа на неколку категории граѓани и забрана за физичка активност на отворено.
На вчерашната седница Владата одлучи да се ослободат од работните обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години во периодот од 12 до 18 јули 2024 година.



Во соопштението на Владата стои: „Работодавците да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот“.
Дополнително, на владина седница се донесе одлука за детските градинки да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во период од 11 до 17 часот.

Доставени се и препораки до единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им укажат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници. Акцент е ставен дополнително на работодавците кои треба да ги следат законските прописи во делот на извршувањето на работните обврски на отворено.

И Институтот за јавно здравје излезе со препораки за граѓаните.

Оттаму велат дека граѓаните со себе треба да носат шише вода, да се разладуваат со вентилатори или клима-уреди, да носат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да носат капа, шешир или чадор за заштита, доволно да спијат, да јадат овошје и салати, да избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.

Кога станува збор за патувањата, од ИЈЗ препорачуваат граѓаните да се информираат за општата здравствена состојба, заразните заболувањa и потенцијалните ризици за здравјето во подрачјето каде што планираат да патуваат.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема