X
 17.01.2023 Живот

Помалку познати факти за Мартин Лутер Кинг, борецот за граѓански права

Додека Америка му оддава почит на наследството на д-р Марин Лутер Кинг Џуниор, експертите велат дека неговата борба против сиромаштијата и нееднаквоста останува актуелна и денес како што беше за време на американското движење за граѓански права.

Следуваат помалку познати факти за животот и наследството на д-р Мартин Лутер Кинг Џуниор.

Говорот „Имам сон“ бил импровизиран

Во средината на својот говор во 1963 година, госпел-пејачката Махалија Џексон извикала: - Кажи им за сонот, Мартин!

Повикот го поттикнал Кинг да се префрли на проповедта што ја одржал претходно, кога опишал верзија на американскиот сон, рамноправен и еднакво достапен за сите граѓани.

- Имам сон дека еден ден моите четири деца ќе живеат во земја во која нема да им се суди според бојата на кожата, туку според нивниот карактер. Денеска имам сон - рекол тогаш д-р Кинг.

Овој легендарен момент подоцна ќе стане познат како говор со наслов „Имам сон“.

- Неговиот сон за еднаквост е суштински американски - вели Лерон Мартин, директор на Институтот за истражување и образование „Мартин Лутер Кинг Џуниор“ на Универзитетот „Стенфорд“.

- И покрај сите понижувања што ги претрпел, Кинг направил одлична работа постојано обидувајќи се да покаже како неговите напори се во согласност со американските идеали - додава Лерон.

Роден е како Мајкл Кинг


Кога се родил, на 15 јануари 1929 година, го добил името по неговиот татко Мајкл Кинг. Но, шест години подоцна, таткото на Кинг ја посетил Германија и слушнал за Мартин Лутер, водачот на протестантската реформација.

Бил толку инспириран, што се вратил дома и официјално го сменил своето и името на својот најстар син во Мартин Лутер Кинг.

На колеџ Кинг одлучил да стане свештеник

Мартин Лутер Кинг Џуниор бил примен на колеџот „Морхаус“ во 1944 година, на 15-годишна возраст.

Цели генерации на семејството Кинг дипломирале на престижниот колеџ за црнци во Атланта, Џорџија, кој е целосно машки.

Според Институтот „Кинг“, за идниот лидер за граѓански права се вели дека бил „обичен“ студент, но времето поминато во „Морхаус“ било клучно за будење на неговата страст за социјална и политичка еднаквост и го инспирирало да стане свештеник.

martin
Фото: Screenshot/YouTube

Бил уапсен повеќе од 25 пати

Во 13. години што ги поминал во водењето на движењето за граѓански права, Кинг бил апсен 30 пати, главно за прекршоци и кршење на законите за граѓански протести.

Тој бил уапсен во октомври 1960 година, во стоковна куќа во Атланта, и бил сместен во државниот затвор во Џорџија.

Тој ѝ напишал на својата сопруга Корета од затвор дека се надева дека прекумерното страдање низ кое „моментално поминува нашето семејство на некој мал начин ќе помогне да се направи Атланта подобар град, Џорџија подобра држава и Америка подобра земја“.

Напишал пет книги

Кинг напишал пет книги и објавил збирки писма и проповеди во текот на неговиот живот.

Неговата книга од 1964 година - „Зошто не можеме да чекаме“ ги раскажува настаните што довеле до клучната кампања за десегрегација во Бирмингем, Алабама.

Бил обожавател на „Ѕвездени патеки“


Нишел Николс, дел од актерската екипа на „Ѕвездени патеки“, еднаш се запознала со Мартин Лутер Кинг, а тој ѝ признал дека бил нејзин најголем обожавател.

Николс ја напуштила улогата во серијата само неколку дена пред да се сретне со Кинг на доделување награди. Кога му кажала дека планира да ја напушти серијата, Кинг бил категоричен дека не смее да го направи тоа.

- Првпат ќе нѐ гледаат на телевизија онака како што треба да нѐ гледаат секој ден: како интелигентни, квалитетни, убави луѓе кои можат да патуваат во вселената - ѝ рекол Кинг на Николс.

- Застанав и сфатив дека секој збор е вистинит - изјавила Николс. Така, таа продолжила да ја игра оваа улога со години.

Ги преживеал претходните обиди за атентат


Во септември 1958 година на Кинг му пристапила ментално болна жена додека тој ги потпишувал примероците од својата најнова книга „Одење кон слободата“ во Харлем.

Жената го замолила да потврди дека навистина е крал пред да го избоде со нож со сечило долго 18 сантиметри. Лекарите рекле дека тој за влакно ја избегнал смртта бидејќи ножот поминал многу блиску до аортата.

Откако дознал дека жената е ментално болна, Кинг изјавил дека не ѝ е лут и побарал таа да биде лекувана во ментална болница.

И мајката на Кинг била убиена во атентат


Шест години по убиството на Кинг, на 30 јуни 1974 година, 23-годишен маж ја застрелал мајката на Кинг, Алберта Вилијамс Кинг, додека таа свирела на оргули на богослужба во баптистичката црква Ебенезер.

Убиецот бил прогласен за виновен и осуден на смрт, но неговата казна подоцна била заменета со доживотен затвор делумно поради противењето на семејството Кинг на смртната казна.

Семејството Кинг го платило раѓањето на Џулија Робертс

Во интервјуто со Гејл Кинг кое неодамна стана вирално, актерката Џулија Робертс потврди малку познат факт за денот кога се родила.

- Семејството Кинг ми ги плаќаше болничките сметки - рече таа, додавајќи дека семејствата Робертс и Кинг се зближиле затоа што нејзините родители ги запишале децата на Кинг во нивното актерско училиште во Атланта.

Подоцна, кога Џулија се родила и нејзиното семејство не можело да си дозволи да ги плати болничките сметки, Кинг и неговата сопруга Корета ги подмириле сите долгови кон болницата.

Имал само 39 години кога бил убиен

Д-р Кинг имал само 39 години кога бил убиен, на 4 април 1968 година.

Тој бил помалку од 13 години во центарот на вниманието на јавноста борејќи се за граѓански права и расна еднаквост.

Но, за тој краток период успеал да направи поголем напредок во расната еднаквост во САД отколку што бил направен во претходните 350 години.

Извор: BBC
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот