Замислете во рацете да го имате телефонот на Нил Армстронг. Одеднаш добивате пораки од претседателот Линдон Џонсон, кој ви вели да стигнете на Месечината пред Јуриј Гагарин.
Звучи возбудливо? Сега можете да го искусите тоа сценарио благодарение на рускиот новинар Михаил Зигар и неговата „Историја на иднината“ (
История Будущего). Таа ги носи драмата, трансформацијата и турбуленцијата на важната година во светската историја на нашите телефони со серијата документарци „1968 Дигитал“.
Серијата раскажува настани од 1968 година, но е направена како тие да се случиле во времето на социјалните мрежи и другите апликации од 21 век. Дизајнирана да може да се гледа на смартфони, серијата, составена од 40 епизоди кои траат по околу 10 минути, ја истражува 1968 година преку 40 клучни глобални личности и настани. Секако, серијата може да се гледа и на компјутер.
- Отсекогаш сум сакал не само да ја однесам публиката во историјата, туку и да ги земам историските личности и да ги донесам во сегашноста, да ги оживеам за да можат да комуницираат со нас - вели Зигар, кој е новинар, автор, режисер и основач на рускиот независен ТВ-канал „Дожд“.
Зигар ги одбрал социјалните мрежи како направа за кажување на приказната затоа што луѓето денес на тој начин пренесуваат информации.
- Ако сакам моите книги да бидат читани од Американци, ги преведувам на англиски. Ако сакам да ѝ кажам приказна на современата публика, морам да ја преведам на современ јазик за да ги вклучам оние на кои инаку не им е гајле за историјата, но би ги сакале форматот, заговорите, идејата, храбриот експеримент - вели Зигар.
Претходниот проект на Зигар бил за 1917 година, годината на Руската револуција. Со помош на 20 уредници, тој зел повеќе од 3.000 архивски документи и ги претворил во постови за на „Фејсбук“.
- Идејата беше секој ден од 2017 да се прикажува што се случувало пред сто години - вели Зигар, додавајќи дека сакале да покажат дека во револуцијата учествувале реални и обични луѓе, кои го користеле истиот јазик и се обидувале да ги решат проблемите.
По тој проект, Зигар се префрла на 1968 година. При подготовката на овој проект Зигар сфатил дека секоја земја има свои спомени за таа година. Така, Американците веднаш ја поврзуваат со убиството на Мартин Лутер Кинг и Роберт Кенеди, студентските протести против војната во Виетнам, Европејците од Западна Европа ја паметат по студентските протести во Франција, а оние од Источна по Прашката пролет.
Зошто треба на луѓето денес да им е гајле за 1968 година? Годината е значајна не само затоа што ја обележуваме 50-годишнината.
- Историјата е проба за она што се случува денес. Има нова Студена војна, „Животот на црнците е важен“ е слично на кампањата од 1968 година за граѓански права, а #MeToo е новиот бран на феминистички протест - објаснува
Зигар.