X
 17.02.2020 Образование

Стрипот треба да се најде на училишната клупа, а не под неа

Стрип-центарот во Велес успешно ја популаризира деветтата уметност кај младите

Стрипот како деветта уметност, која во себе носи древен јазик на ликовно изразување, е меѓу најстарите визуелни медиуми во светот и на различни начини влијаел врз општата култура во светот. Пабло Пикасо од неговата пријателка и муза Гертрудe Стајн добивал стрипови во кои наоѓал инспирација за некои од своите слики.
Стрип-уметниците од Велес сметаат дека уметничкиот и едукативниот потенцијал на стрипот треба да има подобар третман во Македонија. Тој, според нив, на училишниот час треба да се најде на клупата, а не под клупата, како што постарите генерации ги криеле изданијата на Загорка, Блубери, Мендрејк, Алан Форд...

Стрип-центарот на Македонија од Велес (СЦМ-Велес) две децении преку стрип-училишта, работилници, конкурси, меѓународен стрип-салон, стрип-колонии и издаваштво успешно ја популаризира стрип-културата кај младите.


Стрип-училиштето од Велес

Центарот, кој работи во посебни простории во градската библиотека „Гоце Делчев“, се финансира врз база на проекти, но и државна помош. Ваквиот начин на финансирање сепак не е доволен за училиштето за стрип, кое треба да функционира на редовна основа.

- Младите имаат голема желба да ги научат тајните на цртање на стрипот најмногу поради слободата на изразување што им ја даваат волшебните квадрати. Но, без редовност во училиштето тоа е само желба. Тоа не треба да постои само во Велес, туку во цела Македонија преку образовниот систем, како што е во Хрватска, која на полето на стрип-културата има големи државни успеси. За да ги привлечеме младите да ја негуваат љубовта кон стрипот, во Велес ја отворив и првата стрип-библиотека со повеќе од 3.000 мои стрипови и донација од 540 наслови од ФИОМ, како и донации од граѓани - вели извршниот директор на СЦМ-Велес, Ване Трајков.
За многумина што не го знаат процесот на создавање на стрипот, тоа е лесна работа, иако за создавање еден стрип од 44 страници со 4-5 слики на секоја страница се потребни околу осум месеци, вели тој. Авторот порано морал да биде енциклопедија, а денеска со интернетот потребна е само желба за работа.


Ване Трајков со неговата богата колекција

- Авторот е илустратор, ако работи во боја и сликар, писател ако сам ги осмислува приказните, историчар ако работи на историски теми, географ, архитект... Со појавата на интернетот овие информации се достапни, па авторот не мора да ги има сите овие знаења. На почетниците им порачувам да цртаат кратки стрипови од една до две страници, а доколку се решат за поголемо дело, да направат тим од неколку соработници за да успее тоа што го наумиле - објаснува Трајков.

Поради квалитетот на стриповите што ги објавува стрип-центарот, не се објавуваат стрипови на почетници. Тие се објавуваат во наменски изложбени каталози во кои може да се видат стрипови на деца од седум години, на средношколци и на возрасни цртачи. Квалитетните стрипови се објавуваат во редовното списание „Стрип-креатор“, кое досега има 32 изданија, а најмладиот автор имал 14 години.
Кај младите цртачи постои креативност, тие сакаат да создаваат нови суперхерои и да измислуваат нови светови, а сакаат да цртаат и социјални и психолошки теми.

- Младите претежно работат на работилници кои ги добиваме како проекти и тие се со однапред предвидени теми, но во другите случаи стриповите се на различни теми и тука имагинацијата на младите автори е голема: научна фантастика, социјални теми, историја... Стрипот е поле на бескрајна фантазија каде што има место за секого, како за автор на стрипови така и за љубител на стрипови. Се разбира дека има и суперхерои кои се врзуваат за Македонија и актуелни настани во светот - објаснува Трајков.




Стрипот како медиум може да придонесе младите луѓе да ја канализираат својата енергија, гнев, жар, сето она што ги мачи како тинејџери или студенти.
- Ако на младите луѓе им се креираат услови за развој во овој медиум, верувајте дека сите општествени девијантни појави ќе бидат во голема мера амортизирани. Стрипот можеби ќе ги стимулира да си го најдат својот развоен пат, како личност, во еден друг позитивен правец. Јас досега не сум видел стрип каде што негативците победуваат. Можеби хероите не победуваат секогаш, но не губат. Тоа е многу важно како порака во животот - истакна Трајков.

Во Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, а во Бугарија е дел од високото образование. Кај нас нема интерес тој да стане дел од формалното образование, барем во дел од часовите по ликовно. Стрипот не се изучува како посебен предмет ниту во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје ниту на Ликовната академија.

- Ние сѐ уште сме врзани за стереотипот од 50-тите години на минатиот век - дека стрипот е создаден само за да ја „затупи“ младината во нејзиниот социјален и индивидуален развој и со тоа би била некорисна во општеството кога ќе се оформат како личности. За среќа, светот ги увиде тие заблуди и отиде многу напред во полето на стрип-културата. Хрватска тоа го увиде многу рано и вметнувајќи го стрипот во образовниот систем, придонесе многу нивни стрип-автори да работат за најголемите светски стрип-издавачи како Марвел, DC, Бонели Комикс. Денес и Бугарите прават големи чекори во светски рамки на полето на стрипот, изучувајќи го на Ликовната академија во Софија. Неколку нивни автори работат Манга-стрипови за јапонски издавачи и добиваат награди на нивните стрип-конкурси. А ние? Ние го немаме стрипот во ниедно детско списание, па дури ни во „Наш свет“ - лулката на македонскиот стрип.


Стрип-училница

Причините за оваа ситуација тој ги гледа во партизација во образовниот и културниот систем со несоодветен кадар кој само чека да завршат осумте работни часа.
Важна улога во афирмирање на стрипот има и традиционалната Меѓународна колонија што СЦМ – Велес, која ова лето ќе се одржи по 18. пат.

Стрип-културата во Велес се појавила по Втората светска војна


- Како медиум, стрипот во Велес се појавил по Втората светска војна со појавата на првите списанија за деца што тогаш ги работел Славко Јаневски. Тој бил уредник на првото списание за деца „Пионер“. Со појавата на „Наш свет“ во 1960 година се јавуваат илустратори како Коле Манев, Миле Топуз, Љупчо Филипов, Младен Туниќ и Дарко Марковиќ. Првиот и, за жал, единствен стрип на автор од Велес во 1962 година го има нацртано Цветан Ќулумов на две страници. По него Велес ја чека појавата на Стрип-центарот на Македонија – Велес, кој постои од 2002 година. Тој е продолжение на Здружението на љубители на стрип кое постои од 1996 година и со кое направивме 16 броја на списанието „Стрип арт“ и првата стрип-книга во Македонија, „Мис Стон“ на македонски и англиски јазик. Со формирањето на Стрип-центарот активностите се проширија на библиотекарска, едукативна, издавачка, изложбена и меѓународна дејност - вели Трајков.



Во еден миг колекцијата на Трајков броела повеќе од 15.000 стрипови, но поради животните и работните (не)услови, тие бројки се намалиле и многу вредни наслови заминале во другите бивши републики зашто во Македонија нема сериозни колекционери.


Стрип-книга „Кочо Рацин“

- Не си колекционер ако знаеш само за „Загор“ или „Алан Форд“! Јас во својата колекција сѐ уште имам наслови од педесеттите години, а како повредни би ги споменал Принц Валијант, Тарзан од Фостер, Хогарт и Манинг и многу други, вклучувајќи го тука и „Наш свет“, раритетно и ретко издание на македонски јазик кое беше „лулка“ на македонската стрип-култура.
Подготвил: Орданче Костов, наш дописник од Велес

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование