X
 17.02.2022 Образование

Денешните студенти се поголеми перфекционисти од минатите генерации

Денешните студенти се поголеми перфекционисти од минатите генерации, покажува ново истражување. Истражувањето е едно од првите што ги испитува генерациските разлики во перфекционизмот, кој се дефинира како претерано високи стандарди за себе и претерана самокритичност.

Во истражувањето биле анализирани податоци од анкета спроведена на 41.000 студенти во САД, Канада и Обединетото Кралство од 1989 до 2016 година. Биле анализирани различни видови перфекционизам: перфекционизам насочен кон себе или поставување високи очекувања, општествено препишаниот перфекционизам или размислување дека другите имаат големи очекувања од вас и перфекционизам насочен кон другите, односно поставување високи стандарди за другите.

Истражувачите откриле дека денешните студенти се поголеми перфекционисти кога станува збор за сите три вида во споредба со студентите во претходните децении. Просечната оцена на студентите за перфекционизмот насочен кон себе се зголемила за 10 отсто во периодот што бил анализиран. Просечната оцена за општествено препишаниот перфекционизам се зголемила за 33 отсто, а онаа за перфекционизмот насочен кон другите е поголема за 16 отсто во споредба со 1989 година.


Фото: Pixabay

Резултатите може да бидат поради повеќе фактори, како користењето социјални мрежи и поголема конкуренција за упис на најдобрите факултети или за добивање добро платена работа, велат истражувачите.

- Овие резултати покажуваат дека новите генерации студенти имаат поголеми очекувања од себе и од другите отколку претходните генерации - изјавил главниот автор Томас Кјурен, социјален психолог од Универзитетот во Бат.

- Денешните млади луѓе се натпреваруваат меѓу себе за да одговорат на општествените притисоци да успеат и сметаат дека перфекционизмот е неопходен за да се чувствуваат сигурни, општествено поврзани и вредни - вели Кјурен.

Извор: Studomat
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование