Ниеден избор не е лесен, но ако одлучите како идни студенти своето знаење да го надградите на некој од европските универзитети, независно дали со стипендија или без, добро би било да ги знаете следниве нешта.
Програмите за размена на студенти или студирање во странство се одличен начин да запознаете нови луѓе и култури. Меѓу шесте најпознати универзитети на светот четири се во Англија. Престижниот „Кембриџ“ е стар повеќе од 800 години, а 90 негови студенти добиле Нобелова награда. Познатиот универзитет има 32 факултети.
„Оксфорд“ е најстариот универзитет во англиското говорно подрачје и најпознат универзитетски центар во Европа. Сочинет е од 38 независни факултети, а интересно е што нема централна универзитетска зграда. Во никој случај не е дозволено документите за упис да се предадат и на „Оксфорд“ и на „Кембриџ“ истовремено бидејќи станува збор за два огромни ривали.
Се разбира, доколку се одлучите за Универзитетот „Оксфорд“, ве очекува „озлогласениот приемен испит“ – атрибут што му го доделија претходните генерации студенти.
Лондонскиот универзитетски колеџ (University College London) е сместен во срцето на Лондон. Многу светски политичари, музичари, архитекти, писатели, научници... студирале на тој универзитет. Половина од студентите доаѓаат од странство, па затоа средината е мултикултурна.
Империјалниот колеџ во Лондон (Imperial College) на студентите им ги нуди најубавите услови за истражувачка работа, на следниве три факултети: за бизнис, за инженеринг и Центарот за соработка.
Не треба да заборавиме нити на универзитетскиот центар во Хајделберг во Германија, кој во 2014 година од страна на УНЕСКО беше прогласен за град на литературата, што значи дека е идеален за љубителите на книги и за студентите на книжевност.
Во Шведска постои „симпатичен студентски град“, барем така студентите го опишуваат градот Упсала, кој претставува општопризнат универзитетски центар веќе 600 години.
Најстариот универзитет во Европа е Болоњскиот универзитет во Италија и многумина го сместуваат помеѓу најголемите студентски центри, каде што, според последните истражувања, студираат околу 100.000 млади луѓе, а тоа е четвртина од населението во Болоња.
Вториот најстар универзитет во Европа е Јагелонскиот универзитет во Краков, Полска, кој датира од 14 век.
Огромна е и важноста на другите европски универзитетски центри, како оние во Виена, Грац, Париз... Со оглед на тоа што е неможно да се набројат сите, интернетот може да им излезе во пресрет на вашата мотивација и вашите интереси, и преку онлајн-презентациите на
универзитетите, но и низ искуствата и коментарите од некогашните студенти би можеле да го пронајдете вистинскиот образовен предизвик за вас.