X
 17.02.2022 Наука

Лековите ги загадуваат реките во светот, предупредуваат научниците

Лековите ги загадија реките низ целиот свет и претставуваат глобална закана за животната средина и здравјето на луѓето, според најсеопфатната студија досега.

Познато е дека фармацевтските препарати и другите биолошки активни соединенија што ги користат луѓето му штетат на дивиот свет, а антибиотиците го зголемуваат ризикот од отпорност на лековите, една од најголемите закани за човештвото.

Научниците ја измерија концентрацијата на 61 активна фармацевтска состојка (API) на повеќе од 1.000 локации покрај 258 реки и во 104 земји, покривајќи ги сите континенти. Само две места се незагадени – Исланд и венецуелско село каде што домородното население не користи современи лекови.

Најчесто откриените API беа антиепилептичен лек, карбамазепин, кој тешко се разградува, лекот за дијабетес метформин и кофеин. Сите три беа пронајдени на најмалку половина од локациите. Антибиотиците беа пронајдени на опасни нивоа на една од пет локации, а многу локации исто така имаа барем еден API на нивоа кои се сметаат за штетни за дивиот свет.

API завршуваат во реките откако ги зеле луѓето или му биле дадени на добитокот, а потоа се излачуваат во канализациониот систем или директно во околината, иако некои може да истечат и од фармацевтските фабрики.

Точките со многу високи нивоа на API се Лахоре во Пакистан, Ла Паз во Боливија и Адис Абеба во Етиопија. Мадрид во Шпанија беше во првите 10 отсто од местата со највисоки кумулативни концентрации, а Глазгов, Велика Британија, и Далас, САД, беа во првите 20 отсто.

- Светската здравствена организација, ОН и другите организации велат дека антимикробната резистенција е единствената најголема закана за човештвото - тоа е следна пандемија. Во 19 отсто од сите локации што ги следевме, концентрациите на антибиотиците ги надминаа нивоата што би очекувале да ги поттикнат бактериите да развијат отпорност - вели Џон Вилкинсон од Универзитетот „Јорк“ во Велика Британија, кој ја предводеше студијата во која беа вклучени 127 истражувачи од 86 институции.

reka
Фото: Freepik

Истражувањето објавено во јануари процени дека 5 милиони луѓе починале во 2019 година од бактериски инфекции кои биле отпорни на антибиотици. Регионите што страдаат од најголемо влијание од отпорноста на антибиотици во таа студија се усогласуваат со оние во студијата со најлошо загадување со лекови, што укажува на тоа дека загадувањето на реките може да игра улога во зголемувањето на отпорноста. Една локација во Бангладеш имаше нивоа на антибиотикот метронидазол повеќе од 300 пати повисоки од безбедносната цел, веројатно поради протекување од фармацевтското производство.

Веќе беше познато дека загадувањето со лекови му штети на дивиот свет, од антидепресиви кои предизвикуваат некои птици помалку да се хранат до контрацептивни лекови кои ја намалуваат популацијата на рибите.

- Да бев риба што живее во некои од овие реки, ќе бев загрижен токму сега - рече Вилкинсон.

Студијата, објавена во списанието „Просидингс оф д нешнл академи оф сајнсес“, е убедливо најголемата досега и го претставува влијанието на загадувањето на реките на 470 милиони луѓе. Истражувачите заклучија дека фармацевтското загадување претставува глобална закана за животната средина и здравјето на луѓето.

Претходно, речиси сите мерења беа направени во Западна Европа и Северна Америка, но најновото истражување покажа дека загадувањето со API е често многу поголемо на друго место. Работата опфати 36 земји во кои API беа измерени првпат, особено во Африка и Јужна Америка.

Меѓу лековите откриени на сите континенти освен Антарктикот се антидепресивите циталопрам и венлафаксин, антихистаминиците цетиризин и фексофенадин, антибиотикот триметоприм и лидокаин, анестетик. Реката Каи Так во Хонгконг имаше 34 различни API на една локација, што е најголем регистриран број.

Највисоки концентрации на лекови беа пронајдени во земјите со низок до среден приход, вклучувајќи ги Индија и Нигерија. Истражувачите мислат дека ова можеби е затоа што луѓето во овие земји имаат доволно приходи за да купат лекови, но живеат на места без добри канализациони системи.

Научниците се надеваат дека истражувањето ќе помогне да се насочат напорите за чистење на фармацевтските производи и регионите со најголем ризик.

- Знаеме дека доброто поврзување на канализацијата и третманот на отпадните води се клучот за минимизирање, но не и нужно елиминирање на фармацевтските концентрации. Сепак, тоа е исклучително скапо бидејќи е вклучена и инфраструктурата - рече Вилкинсон.

Повнимателната употреба на лекови е уште еден начин за намалување на загадувањето, рече тој, особено антибиотиците, кои се достапни во многу земји без рецепти, а се земаат и непотребно, на пример, за лекување настинки.

Извор: Тhe Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука