X
 17.02.2023 Наша тема

Стојанче Костовски, планинар по кого е именуван еден врв на Осоговските Планини: „Пеш ја имам заобиколено Македонија по границата, поминав 900 км за 30 дена“

Стојанче Костовски, или чичко Столе, има 75 години и е како книга со приказни кои цело време ти го држат вниманието. Доживеал и преживеал лавини, 40 часа бил залутан во магла низ Осоговијата, имал средби со сите жители на масивот - волци, лисици, диви свињи, но она на што особено е горд е неговата 900-километарска обиколка по границата на Македонија, подвиг кој, според него, никој досега не го повторил

Стојанче Костовски има 75 години, од кои 35 е планинар. Тој е многу активен на планините и вели дека планината му е втор дом. Низ годините имал разни искуства и се соочил со многу предизвици. Доживеал и преживеал две лавини под Царев Врв во еден ден, при што едвај успеал да извлече жива глава, но останал без два заба. Имал едно долго 40-часовно патешествие низ Осоговијата, дислоциран, вртел кругови барајќи излез и најпосле успеал да се спаси и да побара помош. 125 пати го има искачено Царев Врв, а по него е именуван и врв на Осоговијата, Столев Врв. Не поминува недела без барем една тура, витален е и активен и ни раскажа уште многу моменти од неговото планинарско досие.

Осоговијата му е втор дом

Од 2015 година е член на Планинарското спортско друштво З.П.С.К. „Калин Камен“ од Крива Паланка и заменик-претседател, а членува и во планинарското друштво „Ај лав хајкинг“.

- Како вовед во оваа приказна можам слободно да кажам дека планината е мојот втор дом. Јас сум роден во пазувите на прекрасните Осоговски Планини, каде што уште како мал имам шетано по прекрасните ливадски падини и уживав во благодатите на мајката природа. Уште како дете ја засакав планината и таа љубов не згасна. Мое прво планинарско крштевање беше на 27.8.1980 год. кога се искачив на Боботов Кук (2.522 м.н.в.) на Дурмитор, Црна Гора. Не би имал зборови да го искажам доживувањето на самиот врв. Но бидејќи постојано бев на терен во градежна фирма, не бев во можност да планинарам. Со активно планинарење почнав во моите четириесетти години, на 11.7.1987 год. кога се зачленив во П.Д. „Руен“ Крива Паланка и 35 години сум активен планинар, спаѓам во групата маратонци и често сум учесник на повеќе дневни акции (маршеви) во нашата земја - раскажува чичко Столе.



- Во „Руен“ веднаш бев примен во Претседателство, а бидејќи друштвото немаше водич, ја прифатив улогата на водич и од 1987 до 2015 го водев друштвото. Имам два мандата како претседател на друштвото од 1991 до 1995 година и од 2001 до 2004 година. Во овој период бев многу активен и по неколку пати се имав искачувано на највисоките врвови на Балканот - споделува Костовски.

Во периодот од 1990 до 1994 година бил делегат во ФПСМ.

- Во „Руен“ ги имам изведено моите најголеми потфати. Обиколка на Македонија по нејзината граница од 2 до 30 јуни 1996 година. Со мојот пријател Сали Буранедин од П.Д. „Бистра“ од Скопје за 30 дена имаме поминато над 900 км и се сметаме како рекордери бидејќи до денес, ни по 26 години, никој не успеа да го повтори тој подвиг.
Во 2003 г. од Крива Паланка преку Скопје, Китка, Солунска Глава, Крушево до Охрид имам поминато 300 км по повод 100 години Крушевска Република и смртта на Гоце Делчев. Во 2005 год., по повод 25 год. од смртта на Јосип Броз Тито, со мојот пријател Велковски Гоце за 12 дена поминавме 643 км од Крива Паланка до Куќата на цвеќето во Белград. Во овој период со Јорданчо Костов имаме маркирано повеќе планинарски патеки по Осоговските Планини. Како претседател на друштвото, имав добра меѓугранична соработка со Т.Д. „Осогово“ од Ќустендил, Бугарија, и сум потписник на неколку протоколи за соработка во кои со колегата од Т.Д. „Осогово“ се договаравме за изведување заеднички акции. Протоколите од самиот почеток во далечната 1987 год. и во време кога Бугарите не ни го признаваа македонскиот јазик беа правени во два примерока - на македонски и на бугарски јазик и беа потпишувани од двајцата, со по еден примерок за двете друштва - се присетува чичко Столе.



40 часа залутан во Осоговијата


Вели дека негов втор придонес во областа на планинарството е потпишувањето протокол за соработка помеѓу П.Д. „Руен“ од Крива Паланка, Т.Д. „Осогово“ од Ќустендил, Бугарија, П.Д. „Врање“ од Врање, Србија и Црна Гора на 23.7.2003 год.

- Дадов предлог да формираме Еврорегион во областа на планинарството и беше прифатен. Направивме протокол за соработка и се договоривме да иницираме средба на претседателите на нашите планинарски федерации бидејќи дотогаш немаа соработка. Колегата Станиша Стошиќ прифати да биде домаќин на 18.10.2003 год. во Врање. Во 2019 година Еврорегионот го преименувавме во Балканска планинарска унија (BMU), која сега има девет членки. Во Корча, Албанија, на основачите на Еврорегионот, по повод 15-годишнината, им се додели плакета-признание. Признанието ми го врачи Јовица Угриновски во 2019 година - споделува Столе.



Природата може да биде и негостопримлива, вели нашиот соговорник.

- Маглата им е најголем непријател на планинарите, потоа временските неприлики, како снежни виулици и летни појави со силно електрично празнење со поројни дождови со град. Вакви случаи имам доживеано многу. Најсвеж пример ми е од минатата година, на моето 125. зимско искачување на Царев Врв. Во момент на густа магла и силна бура го имам сменето правецот на движење, па 40 часа талкав низ Осоговските Планини без можност да побарам помош. Втор случај во јули, и покрај добрите временски прогнози, доживеав несекојдневна случка - силно електрично празнење и судир на два градоносни облаци на стотина метри пред мене, каде што требаше да поминам. Бев принуден да влезам во шумата за да се заштитам. Во шумата имаше околу пет сантиметри град, а на местото на судирот на облаците од 10 до 15 см. Случката ја овековечив со неколку снимки - раскажува Костовски.

Неретко има средба со волци, лисици, срни и диви свињи.



- Во последно време кружат разни приказни за мечка со мече, но јас немам видено. Се претпоставува дека последна мечка е отстрелана пред 100 години и претпоставувам дека оваа мечка избегала од пожарите на планината Рила и се доселила на Осоговските Планини - претпоставува нашиот соговорник.

Следен е Килиманџаро

Планината го научи дека летно време во ранец се носи облека, а зимно време се носи храна.

- Покрај ова, потребно е шише со вода и средства за прва помош или (самопомош) - неколку завои, ханзапласт и планинарски стапчиња. Облеката секогаш ја приспособуваме на годишното време - вели чичко Столе.

Неговиот најголем стремеж е Осоговските Планини да добијат планинарски дом затоа што се единствен масив без дом за планинарите.

- Со години се залагам за изградба на планинарски дом. На Царев Врв (2.085 м.н.в.) постојат два руинирани објекта кои може да се оспособат за планинарски дом. Во 1991 година побарав помош од Градежен факултет. Двајца професори направија снимки на објектите и за кратко време ми доставија проект. Проблем беше што не можевме да извадиме дозвола за градба. Надежта се враќа вообичаено пред изборите, но по изборите бргу згаснува - истакнува нашиот соговорник.



Негова крајна цел и желба е да може да се искачи на највисокиот врв во Африка - Килиманџаро.

- Имам поднесено барање до матичниот лекар за дозвола за планинарење над 3.000 м.н.в. Имам закажано прегледи. Во меѓувреме не пропуштам акции со моето ново друштво „Хајкинг“ над 2.500 м.н.в. по Шар Планина. Последна акција ми беше моќниот Бориславец (2.675 м.н.в.) во услови на густа магла и длабок снег. Исто така, сакам во иднина да поставиме зимска маркација од Калин Камен до Царев Врв, обележување на мојот врв - Столев Врв и маркација на уште една планинарска патека - изјавува чичко Столе.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема