X
 26.03.2021 Наша тема

Стоилко Стоичев поместува планини. Цел му е да биде втор во светот со хендикеп и првиот Македонец што ги искачил „седумте врва“

Секогаш кажувам дека животот е еден и наше е како ќе го живееме и што ќе оставиме зад себе. Мојот предизвик е „Седумте врва“ - искачување на седумте највисоки точки на сите континенти. За преостанатите четири врва, ако не најдам заеднички јазик со државните институции или приватниот сектор, ќе бидам далеку од мојата цел бидејќи тие се прескапи и нема да можам сам да ги финансирам

Стоилко Стоичев за шест години успеа да искачи 280 врва со над 2.000 метри надморска височина. Од 2015 година почнува ново поглавје во животот полно со предизвици, авантури, живост, природа, неуморност. Почнува истражување на своите внатрешни граници, колку може, до каде може, што го радува, што го смирува. Духовно прибежиште наоѓа во планините. Стоилко има оштетен вид, но тоа не го спречува да ги согледа и да ги почувствува придобивките што ги нуди планината.

Она што неодамна го исфрли неговото име во медиумите е искачувањето на највисоката точка во Африка, врвот Ухуру на планината Килиманџаро. Успеа за седум часа да го искачи врвот и да го реализира третиот предизвик од „Седумте врва“, искачување на седумте највисоки точки на сите континенти. Предизвик првпат реализиран во 1985 година. А цел на Стоилко е да се впише како првиот Македонец со хендикеп што го реализирал предизвикот, и втор во светот.


 Арарат, Турција

Килиманџаро искачен за 7 часа

Ухуру на планината Килиманџаро се наоѓа на 5.895 метри надморска височина. Ова е трет врв на Стоилко, по искачувањето на Елбрус во Европа со 5.642 надморска височина и Аконкагва во Јужна Америка со 6.962 метри. Стоилко е прв Македонец што ја има искачено Аконкагва како лице со инвалидност (оштетен вид) и неофицијално втор во светот.



- Овој врв Ухуру беше третиот од „Седум врва“. Претходно ги искачив Елбрус 5.642 м - највисокиот во Европа - во 2018 година,  и Аконкагва со 6.962 м - највисокиот во Јужна Америка. Искачувањето на Килиманџаро почна од последниот камп „Кибо“, на 4.720 метри височина, точно на полноќ. Бидејќи Килиманџаро е изгаснат вулкан, теренот е карпест. Само од „Гилмас поинт“ до врвот се оди по снег. Од седумте часа искачување, пет часа ја гледав само светлината од челните ламби на планинарите. А некаде од „Стела поинт“ веќе ги гледавме првите зраци од сонцето. Според мене, најубаво нешто на Килиманџаро е влезот во националниот парк до првиот камп Мандара, 2.720 м. Предел кој оди низ џунгла, исполнет со инсекти и бубачки кои првпат во животот ги гледате (тој што може да ги види), како и мајмуни - раскажува Стоилко.



Од кафеански човек до планинар


Прво што прави кога стигнува на врв е да се фотографира и да си направи неколку фотографии за својата фотоархива. А потоа ужива во погледот.

- Поглед од 20-ина минути исполнет со емоции, среќа и гордост дека сум успеал. И на крај фотографија со целиот тим - вели тој.



Иако има солидна бројка на искачени врвови и планини во кратка временска рамка, вели дека нема посебен план, ниту динамика на искачување.

- Во моментот кој врв ни се гледа интересен за искачување, на тој одиме. Досега имам искачено над 280 врва над 2.000 метри. Најчесто искачувањата на врвовите траат од 7 до 10 часа. Во тој период размислувам за животот, во себе првин ќе се скарам со сите, а потоа ќе се смирам и сè така додека не го здогледам врвот. А потоа давам сè од себе за да го искачам - раскажува Стоичев.



Вели дека поглавјето „планина“ почнало во 2015 година.

- Во октомври го искачив Солунска Глава, мојот прв врв, и оттогаш почна мојот втор живот. Планината си има своја магија, магија која те смирува и плени. Планината секогаш е гостољубива, никогаш нема да те изневери. Нуди поглед што не може да се купи. Едноставно ќе ве промени од корен. Конкретно мене, од човек кој често беше по кафеани до човек кој секоја недела го гледате по планини, планински трки, маратони, полумаратони. Непроценливи се придобивките од планините - потенцира Стоилко.



Сам оди само на Матка и на Водно

За неговиот хендикеп вели дека станува збор за оштетување на видот од 98 отсто, поточно оштетување на фокусот на окото што се води под шифра Х44.3.



- На 21 година дознав дека имам проблем со видот, кога бев студент на Машинскиот факултет. Потоа отидов до очната клиника „Фјодоров“ во Русија и таму ми беше кажано дека моето оштетување не може да се лекува и дека е трајно. Секој човек со хендикеп треба да се прифати таков како што е. Хендикепот е дел од мојот живот. Со текот на времето ќе се научиш на одењето на планина и на сè друго. Секогаш кога одам на планина, одам со придружба. Единствени места каде што одам сам се Водно и Матка. Најголем проблем е симнувањето од планините, особено кога теренот е лизгав - споделува Стоилко.



На прашањето како оштетувањето на видот му станало предизвик, а не пречка, тој вели:

- Секогаш кажувам дека животот е еден и наше е како ќе го живееме и што ќе оставиме зад себе. Мојот предизвик е „Седумте врва“. За преостанатите четири врва, ако не најдам заеднички јазик со државните институции или приватниот сектор, ќе бидам далеку од мојата цел бидејќи тие се прескапи и нема да можам сам да ги финансирам. Така што потребна ми е финансиска помош и поддршка.


Мон Блан

Се стреми кон четвртиот врв во 2023

Подготвувањето за појаките тури, односно експедициите, го почнува околу пет месеци пред закажаниот датум.
- Во тој период внимавам на исхраната. Го искачувам Водно по четири-пет пати во еден ден. Двапати во месецот одам до Титов Врв - вели Стоичев.


Љуботен
Особено ужива во искачувањето во зима.

- Тогаш планината има посебна моќ. Ако сакате да ја почувствувате планината, тогаш најубаво е да поставите шатор на некои од нашите планински езера. На пример, Бело езеро, Црно Езеро, Врачанско Езеро на Шар Планина, и комплетно да се препуштите на задоволството.
Најубава точка ми е Водно - Матка. И најпосетувана. Од нашите врвови би ги издвоил Магаро,Титов Врв, Вртоп, Мал Кораб, Пелистер и многу други. Како експедици би ја издвоил Аконкагва. Експедиција во која 16 дена ги поминуваш во шатор на минус 30 Целзиусови степени. Експедиција во која се пронаоѓаш себеси - додава Стоичев.



За следната година вели: „Со Господ напред, би сакал да го искачам Ленин Пеак, 7.134 метри, кој лежи на границата меѓу Киргистан и Таџикистан во Централна Азија“. А за 2023 година му е зацртан врвот Денали на 6.190 метри надморска височина, највисокиот врв во Северна Америка, односно четвртиот врв.




Камп на Корапски Водопад

Фото: Приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска / sanja.jacevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема