X
 17.02.2024 Технологија

Незадоволни корисници почнаа да ги враќаат очилата „епл вижн про“ во продавниците

Во изминатите неколку дена социјалните мрежи беа преплавени со објави од сопствениците на „епл вижн про“ во кои се изразува нивното незадоволство и намера да ги вратат во продавниците. Станува збор за очила кои можат да се купат од почетокот на февруари по почетна цена од 3.500 евра.

Имено, поголемиот дел од корисниците велат дека главната причина за враќање на очилата е токму непријатноста при нивното носење. Се споменуваат и главоболки и мачнини, а некои се жалат на тежината на очилата, која главно е концентрирана на предната страна, што дополнително предизвикува проблеми при користењето (со оглед на тоа што се носат на главата).

- И покрај тоа што е волшебен за користење, како и што се надевав, едноставно е премногу непријатен за носење, дури и во кратки временски периоди, како поради тежината така и поради дизајнот на ременот. Едноставно е премногу скапо и непријатно да се обидувам да се навикнам на постојаните главоболки и напрегање на очите што ги доживував. Ќе се вратам за следната верзија - го споделил своето искуство Паркер Ортолани, менаџер за производи.

Сепак, корисниците не се жалат само на непријатноста при носење, туку изразуваат незадоволство и од продуктивноста на уредот во однос на цената. На пример, еден корисник на „Тредс“ објавил дека користењето на екранот му предизвикува главоболка.

Покрај тоа, често може да се сретнат објави од корисници кои наведуваат проблеми со мултитаскинг, недостиг на поддршка за одредени типови датотеки и непрактичност при работа со документи, во споредба со традиционалните методи на користење глувче и тастатура.

- Ако не го користам ова за продуктивност и забава и ако нема доволно игри за играње на него, едноставно не можам да го оправдам - кратко напишал еден корисник на „Редит“.

Многу од оние што изразиле намера да го вратат уредот, нагласиле дека со задоволство би ја пробале втората генерација штом ќе се појави на пазарот.

Извор: Bug.hr

Фото: X/Twitter

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија