Социјалните мрежи често се цел на критики поради односот кон малолетните корисници. Експертите ги обвинуваат мрежите дека нивните алгоритми се направени за да им одземаат повеќе време и внимание на корисниците, а за тоа време тие прикажуваат реклами. Многубројни се обвинувањата и за негативното влијание на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите.
Малолетните корисници, меѓу кои се и оние помлади од 12 години (кои теоретски не би смееле да користат социјални мрежи), се од голема важност за социјалните мрежи бидејќи од нив заработуваат многу пари. Истражување спроведено на „Харвард“ покажува за какви суми станува збор.
Научниците ги анализирале социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Х“ и „Јутјуб“ и нивната работа минатата година во САД. Анализата покажала дека споменатите социјални мрежи во САД заработиле приходи над 11 милијарди долари само од корисниците помлади од 17 години. Од овие приходи, околу 20 отсто се од корисници што се на возраст од 12 години или помалку.
Социјалната мрежа „Инстаграм“ доминира по висината на приходите од малолетници. Оваа социјална мрежа заработува над 4 милијарди долари од малолетните корисници, што е двојно повеќе во однос на „Јутјуб“ и „Тик-ток“. Меѓутоа, „Јутјуб“ заработува повеќе од сите други мрежи од деца помлади од 12 години - речиси 1 милијарда долари.
Ова се првите поконкретни бројки кои ни покажуваат колку заработуваат социјалните мрежи од малолетните корисници и колку им се важни, и покрај тоа што се покажа дека нивната прекумерна употреба е поврзана со депресија, анксиозност, нарушувања во исхраната и други проблеми кај младите луѓе.
Со цел да се намали негативното влијание на социјалните мрежи врз младите корисници, законодавците на ЕУ донесоа регулатива поради која „Мета“ одлучи да направи пауза од прикажување реклами на корисниците на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ кои се помлади од 18 години во тоа подрачје.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија: Pixabay