X
 25.04.2020 Живот

Еве како би можело да изгледа враќањето во канцелариите по пандемијата

Откако повеќето земји најавија попуштање на мерките, сите се прашуваме како ќе изгледа тоа. И покрај попуштањето на мерките, се советува сите што можат, да работат од дома, но можеме да претпоставиме дека компаниите полека ќе почнат да ги отвораат своите канцеларии и ќе ги повикаат своите вработени назад на работа. За голем број од нив, работата од дома не е ни приближно продуктивна и ефективна - освен што мораат да работат, мораат да се грижат и за децата, да слушаат онлајн-настава, да готват итн.

Враќањето во канцелариите нема да изгледа како во времето пред пандемијата и ќе помине многу време пред да се вратиме на старо. Сè повеќе се зборува за тоа дека една од последиците од коронавирусот ќе биде крајот на таканаречените отворени канцеларии, во кои се наоѓаат многу луѓе на мало место.

На прашањето како ќе работиме, одговор даде Бил Гејтс. Човекот чие име толку многу се споменува од почетокот на пандемијата на својот блог опиша како изгледаше враќањето на вработените на „Мајкрософт“ во канцелариите во Кина, така што нивното искуство би можело да им помогне на другите. Прво, од 6.000 вработени, во канцелариите се вратиле само половина, додека останатите и понатаму работат од дома.

rabota
Фото: Pixabay

Следува „полунормална“ фаза на епидемијата


За оние што ќе работат од канцеларии важи правилото на одржување физичка оддалеченост, а мораат и да носат маски. Просториите во кои работат треба почесто да се чистат и проветруваат, а, секако, задолжителна е и почеста дезинфекција. Бизнис-патувањата не се целосно забранети, но дозволени се само во „посебни услови“. Иако се чини дека во „Мајкрософт“ не е практика, во некои други компании во Кина при доаѓањето на работа на работниците им се мери температура.

Правилата поврзани со тоа што можат, а што не можат да прават луѓето постепено ќе се менуваат и ќе се приспособуваат во зависност од тоа дали ќе расте и колкав ќе биде бројот на заразени луѓе, а државите би требало да споделуваат искуства, при што особено би требало да помогнат искуствата на државите што масовно ќе ги вакцинираат луѓето.

Новата фаза на пандемијата Гејтс ја нарекува „полунормална“ и смета дека треба да работат само оние бизниси што носат големи придобивки за економијата и благосостојбата на луѓето, но свесен е дека економијата денес е толку многу поврзана што ќе биде тешко да се направи тоа. Тој смета дека и училиштата треба да се отворат, а со работа би требало да почнат и рестораните и производството, но рано е да се продолжи со спортските натпревари.

Кина почна со отворањето пред некое време, а истото го најавија и некои европски држави. Да се надеваме дека втората, „полунормална“ фаза на пандемијата ќе помине добро и нема да дојде до големо зголемување на бројот на заразени, што би нè вратило на почетокот.

Извор: Business Insider
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот