X
 17.03.2020 Образование

Со видеоконференциска настава ќе го завршиме семестарот, вели деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски

Во рамките на овој систем, деновиве ФЕИТ дополнително набави и имплементира два нови модули за овозможување видеоконференциска врска, со што наставата може непречено да се одвива електронски

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе одржи електронска седница на наставно-научен совет на кој ќе одлучи кога ќе почне изведувањето на новиот тип настава. За одлуките студенти ќе добијат електронско известување на своите е-адреси.

Сите високообразовни институции во земјава на свој начин се соочуваат со актуелната ситуација и прекинот на наставата поради ширењето на вирусот Ковид-19. Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски, за Факултети.мк вели дека ФЕИТ има имплементирано систем за електронско учење кој активно се користи од наставниот кадар и студентите повеќе од 15 години.
- Во рамките на овој систем, деновиве ФЕИТ дополнително набави и имплементира два нови  модули за овозможување видеоконференциска врска, со што наставата може непречено да се одвива електронски, според тековниот распоред – вели Ташковски.


Проф. д-р Димитар Ташковски

Според него, овој тип настава нуди многу предности за студентите – нема да имаат прекин на студирањето и ќе можат сите регуларни обврски околу наставата да ги следат електронски. Тука не спаѓаат само предавањата и вежбите, туку и консултациите со наставниот кадар.

- Со инсталацијата на софтвер за видеоконференции, потенцијално можеме да ја изведеме наставата до крајот на семестарот. Се надеваме дека ситуацијата ќе се стабилизира и смири со цел студентите да ги завршат обврските околу лабораториските вежби затоа што сепак работа со специфична лабораториска опрема по одредени предмети не може да се изведува електронски. За полагањето испити електронски сè уште не размислуваме и се надеваме дека ситуацијата нема да продолжи до моментот на испитната сесија - вели Ташковски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование