X
 30.03.2020 Образование

Едукација на актери во време на пандемија

Поради актуелната пандемија, се најдов во позиција сето она што сум го предавала лице в лице со студентите да треба да го префрлам на комуникациска интернет-платформа

Автор: Слаѓана Вујошевиќ

За тие што не знаат, јас сум Слаѓана Вујошевиќ – актерка, а на мое големо задоволство, веќе од почетокот на оваа учебна година и демонстратор на Факултетот за драмски уметности-Скопје по предметите сценски говор и техника на глас. Пред да станам дел од тимот на ФДУ, седум години предавав актерска игра во неколку приватни академии во Истанбул, одржував театарски работилници, а од неодамна сум и дел од тимот млади професори на Михаил Чехов Европската асоцијација. Со други зборови, имам искуство како предавач, поточно пренесувач на знаење по актерска игра и сѐ што таа носи со себе: сценски говор, техника на глас, сценски движења, игра пред камера и слично...

И покрај ова искуство како предавач на една прилично практична професија (велам „прилично“, бидејќи сепак е професија која исто така бара голема теоретска подготвеност, па сите горенаведени аспекти мора да се надополнат со историја на театар, историја на филм...), првпат се најдов во ситуација која за мене е толку нова и специфична. Поточно, поради актуелната пандемија, се најдов во позиција сето она што сум го предавала лице в лице со студентите да треба да го префрлам на комуникациска интернет-платформа. За оние што не се запознаени, ваквите платформи целосно зависат од интернет-конекцијата, зависат од техничката поддршка на секој од студентите, без разлика дали е тоа поседување лаптоп или понапредна верзија на мобилен телефон, или воопшто имање познавања од технологијата и умешно приклучување на Зум Ас (zoom.us), Вебрум.нет (webroom.net), Месинџер, Вајбер... и што и да е друго актуелно и неопходно деновиве.

Сакам накратко да ви презентирам како изгледа тоа:

Часот со првата класа почнува во 9 часот наутро. Јас се будам во 7:30 часот, ги извршувам нормалните утрински потреби и веќе во 8:30 чacот го отворам лаптопот и стапувам во контакт со професорот или доцентот на актуелниот час. Некој од нас ја отвора ВЕБРООМ (webroom.net) платформата и ја создава собата за разговор. Веднаш потоа во нашите вајбер и месинџер-групи го испраќаме линкот и очекуваме студентите да се приклучат. Некои успеваат веднаш; некои се приклучуваат, но не можат да нè видат; некои се приклучуваат, но не можат да нè чујат; некои воопшто не успеваат да се приклучат. Со оние што имаат каков било проблем се обидуваме да се поврземе на некоја друга платформа, трудејќи се притоа да ги гледаме сите студенти истовремено. По петнаесет минути технолошко измачување почнуваме со часот. Се разбира, не сечија интернет-конекција издржува постојано во текот на часот. Некои студенти се дисконектирани, на некои им се кочи сликата, а на некои им се губи звукот, па им ѕвониме на мобилен телефон за да можат барем да нè слушаат. Потоа запишуваме некои од вежбите за да се повторат и им даваме задача да се снимаат како ги говорат текстовите што ги работиме. Некои од часовите продолжуваат во индивидуални разговори со секој од студентите, коментирајќи ги претходно снимените видео или аудиоматеријали. И така со сите три класи драмски актери.

Сега следува прашањето: Зошто сето ова на овој начин? Дали затоа што во моментов не ни може поинаку? Дали може поинаку? Треба ли поинаку? Смее ли, во време на пандемија кога недостигаат респираторни апарати за заболените, да се спомене дека студентите немаат добра интернет-конекција; дека воопшто немаат неопходни уреди за непрекинато да ги следат часовите за образование за кое веќе уплатиле на Универзитетот? Може ли, и пак ќе речам смее ли, во време на пандемија кога изолацијата е неопходна да се отвори темата дека е многу тешко да се одржуваат онлајн-часови за предмети кои се прилично практични, кои бараат тимска работа, физички контакт и заедничка енергија? Како да се коригираат или охрабруваат студентите при погрешно или правилно изведување на задачите, кога професорот не само што нема личен контакт со студентите, туку некогаш нема ниту аудио ниту визуелен контакт со нив? Како тоа треба да се изведе, а да се пренесе целиот план и програма за тој семестар? Треба ли планот и програмата да се променат и приспособат на моменталните услови? Дали можеби треба да се даде распуст и да се почне отпочеток кога ќе заврши пандемијата? Но, којзнае кога ќе заврши ова и што ако потрае цела година, па и подолго? Треба ли студентите за време на изолацијата да се остават сами, но и во недостиг на тренинг на актерските инструменти - телото, гласот и лицето?

Слаѓана Вујошевиќ

Па, оттука и прашањето дали можеби наша задача и обврска како едукатори е да го продолжиме нашиот (како-таков) контакт со студентите и заедно да ја искористиме оваа ситуација за да создадеме нова форма на предавање, а со тоа да откриеме нови аспекти на актерската игра, на совладување на техниката на глас и говорот, употребата на телото и движењето? Само прашувам, одговорите сѐ уште ги немам ни јас самата. Ама, ете веќе две недели, борејќи се со фрустрациите од лош интернет и паднат сервер, не престануваме да бараме подобри решенија за нашите студенти.

Сѐ ми се чини дека ние, театарските едукатори, не смееме да го губиме времето на технофобиски изјави дека технологијата ќе го уништи театарот, дека технологијата му одзема нешто на актерот, како на пример неговата аура, неговата присутност... Во моментов немаме избор дали да ја користиме или да не ја користиме технологијата како дел од нашите предавања, туку сме принудени! Принудени сме да го правиме тоа за да го одржиме контактот со своите студенти, кои се и самите доволно нервозни, тажни и изгубени во ова време-невреме. Технологијата е нашиот единствен начин да се слушнеме и видиме со нашите студенти. Физичкиот контакт на кој се базира уметноста која ја предаваме во моментов не е достапен, па наместо да го губиме времето да докажуваме дека театарот не е возможен без физички контакт, мора да се посветиме на оној контакт што ни преостанува, за да не останеме без никаков.

Предметите - сценски говор и техника на глас, кои ги предаваме со професор Тихомир Стојановски, доцент Никола Настоски и професорката Валентина Божиновска, се предмети кои имаат задача да го освестат и истренираат еден од основните инструменти на актерот – ГЛАСОТ. Целта на овие часови е да го постават гласот на студентот, да го научат студентот да го освојува просторот со својот глас, да го научат на контрола за успешна сценска интерпретација. Оттука, колку што е тешко да се работи на интернет-платформа (со оглед дека просторот за освојување и сценска интерпретација е собата меѓу четирите ѕида), толку е и неопходно да се одржува континуитет во тренингот на секој од студентите за во даден момент кога сето ова ќе заврши, студентот да не се чувствува изгубен на сцената која пред некој месец колку-толку успевал да ја освојува. Затоа се трудиме да организираме некаков вид онлајн-часови, на кои ги загреваме студентите, предаваме техники за дишење или правиме вежби за поставување глас за кои не е неопходна тимска работа.
Недостатоците со кои се соочуваме се, се разбира, непостојана интернет-конекција и неможноста од физички контакт. Но, за разлика од претходно, сега студентите се принудени да се снимаат, а за добра снимка се потребни неколку повторувања на текстот, што на некој начин несвесно ги носи студентите во подолг тренинг. Истовремено снимката овозможува сите забелешки што им ги даваме да можат и самите да ги увидат. Се разбира, камерата и микрофонот бараат поголема интима и ги доведуваат во ситуација да имаат и поинаква интерпретација, но ние инсистираме тие сепак да го освојуваат просторот, трудејќи се целосно да заборават дека воопшто се снимаат, а вклучувајќи ја имагинацијата да се замислат на сцена пред многубројна публика. Овие нови услови на работа ни открија неверојатно радиофонични гласови за кои претходно не бевме свесни, а тоа ни понуди многу нови полиња за размислувања... Со други зборови, сфативме дека нашата академска сцена може да биде погодна и за академско радио или актуелните аудиокниги.

Оттука, пред нас како едукатори во време на пандемија се појавуваат два избора: првиот е да го посветиме ова време на елаборирањето дека театарот се базира на физички контакт и бара тимска енергија и е невозможно да се предава онлајн, а вториот е да не престанеме да се обидуваме да изнаоѓаме нови начини за поуспешно предавање. Мојот покоен професор Владо Цветановски, од кој ја научив основата на актерската игра, а веднаш по дипломирањето како негов помагател и основите на предавањето, во едно интервју еднаш наведе: „Сите Дрини се криви и никогаш нема да ги исправиме, но исто така никогаш не треба да престанеме да се трудиме да ги исправаме!“

Сите професори што се двоумат дали оваа онлајн-едукација ќе функционира, нека се приклучат на интернет-платформите и нека пробаат, верувам дека ќе се изненадат дека и нешто добро може да излезе од оваа пандемија! Со клик на овој линк погледнете го Прирачникот за онлајн-едукација на актери.

За авторот:

Д-р Слаѓана Вујошевиќ (1988 г., Скопје) е театарска, филмска и телевизиска актерка. Во 2011 година дипломира на Факултетот за драмски уметности - Скопје, во класата на проф. д-р Владо Цветановски и доц. Мими Таневска. Веднаш по дипломирањето заминува за Истанбул каде што студира, твори и предава на турски јазик. 2015 година магистрира на државниот Конзерваториум при Истанбулскиот универзитет, здобивајќи се со титулата магистер актер. Минатата година Слаѓана докторира на Институтот за социјални науки при Истанбулскиот универзитет на отсекот радио, телевизија и кино. Моментално е вработена во Турскиот театар – Скопје и е демонстратор по предметите сценски говор и техника на глас на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование