Во светот полн со неправди и постојани притисоци, вистински успех е да останеме доследни на своите права. Гордо да ги истакнуваме пред сите оние што на кој било начин ќе се обидат да ги повредат. Тие да бидат гардот пред кој многумина ќе покажат почит и внимателност.
Законот за работни односи е вистински „гард“, односно заштитник како на работничките така и на правата на работодавците, но истовремено и идеален правилник исполнет со норми и правила што треба или, подобро кажано, МОРА сите да ги почитуваат.
Најчестите повреди на Законот за работни односи се случуваат при изборот на кандидати или при самото склучување на договорот за вработување.
За да знаете какви права имате како кандидат, кои податоци и информации може работодавецот да ги бара од вас, кои права и обврски може да бидат предвидени во договорот за вработување, мора и во најмала рака треба да имате елементарни познавања на Законот во овој дел.
Работодавецот СМЕЕ да бара од кандидатот само приложување на докази за исполнување на бараните услови за вршење на работите.
Работодавецот при склучување на договорот за вработување НЕ СМЕЕ да бара податоци за семејниот, односно брачниот статус и планирање на семејството, односно доставување други исправи.
При склучување на договорот за вработување кандидатот НЕ Е ДОЛЖЕН да достави доказ за здравствената способност, освен ако работодавецот на своја сметка го испрати на здравствен преглед.
Воедно кандидатот НЕ Е ДОЛЖЕН да одговара на прашања кои не се во непосредна врска со работниот однос.
Како кандидат за вработување, работодавецот МОРА во рок од пет работни дена од денот на склучување на договорот за вработување писмено да го извести кандидатот доколку не е избран и кој кандидат е избран и да ги врати сите документи што кандидатот му ги доставил како доказ за исполнување на бараните услови за вршење на работата.
И додека овие законски обврски се само еден мал дел од нормите кои го штитат работникот и стојат исправено запишани и предвидени во Законот, ние секојдневно сме сведоци на многубројни бизарни прекршувања на наведените обврски.
Низ праксата сме слушнале секакви прашања на кои кандидатите не биле должни да даваат одговор, ниту пак прашања кои работодавците смееле да ги поставуваат, но реткост е да слушнеме дека некој кандидат за работник го покажал „гардот“ за да се заштити себеси и своите права.
Дали си во брак? Дали планираш деца во блиска иднина? Каква е твојата семејна состојба? Каков е твојот приватен живот?
Ова е само еден мал дел од оној бизарен непишан прашалник од кој читаат оние што прават избор. Иако се свесни за фактот дека Законот не ги дозволува ваквите прашања, дека со тоа се прави груба повреда на законските обврски, во реалноста тие изобилуваат.
Вината за ваквата состојба секако можеме да ја бараме на повеќе страни.
1.
Институционалната неактивност во овој дел им дозволува на одредени работодавци лесен пристап при спроведувањето на интервјуата на кандидатите. Контролите во овие фази се ретки, а санкциите во реалноста речиси и да не се забележани.
2.
Законот за работни односи не содржи современи и модерни обврски кои ќе ги принудат работодавците да не се водат од семејните или од кои било други приватни причини при донесување одлука кој кандидат ќе го изберат. Нити, пак, содржи иновативни норми приспособени во времето во кое живееме, со што на кандидатите ќе им овозможи полесно да ја докажуваат евентуалната повреда во овој дел. Да речеме обврската интервјуата за работа да се снимаат за сето времетраење на интервјуто во значителен дел може да ги заштити кандидатите да бидат изложени на недозволени прашања.
3.
Пасивноста на кандидатите да ги истакнат своите права и да поведат соодветни постапки при евентуално кршење на законските обврски им дава дополнителна сила на работодавците својот избор да го направат поставувајќи прашања што не се поврзани за работниот однос.
На тој начин доаѓаме до заклучокот дека подигнувањето на свеста на работниците за нивните права, на работодавците и институциите за нивните обврски е од клучно значење за подобрување на состојбата на работните односи во овој дел.
Имено, какви и да се законските решенија доколку се само т.н. мртво слово на хартија и доколку работниците не го креваат својот работнички „гард“ за заштита на своите работнички права, не можеме да очекуваме напредок на полето на работните односи.
Впрочем, никој нема да ја води твојата битка доколку си ти настрана. Победата им припаѓа на оние што најмногу веруваат во неа и на оние што најдолго се борат за неа.
Автор: Адвокат Иван Станојевиќ