X
 07.02.2018 Живот

Панел дискусија „Колку се почитуваат работничките права на младите?“



Денес, во ЕУ Инфо Центарот, во рамките на Националната Кампања „365 работнички права за младите“ се организираше панел дискусија на тема „Колку се почитуваат работничките права на младите?“. На настанот претставници на институции, граѓански организации, бизнис сектор и млади дискутираа за моменталните состојби и текови за почитувањето на работничките права со фокус на младите работници. Воедно на панел дискусијата беа презентирани наодите од анкетата „Колку младите ги познаваат своите работнички права“.



Г-дин Зоран Илиески, Извршен Директор на Коалиција на младински организации СЕГА, истакна: „Наодите од нашето истражување покажаа дека дури 75% од испитаниците сметаат дека законската регулатива е само на хартија и е во интерес само на работодавачите. Ова го потврдува и фактот што дури 57% од вработените не се осмелуваат да го пријават прекршувањето на нивните работнички права од страв дека ќе го изгубат работното место. Неопходни се итни системски промени кои ќе гарантираат практична примена на законската регулатива за поголема заштита на работничките права.
„Државниот Инспекторат за Труд врши над 30.000 инспекциски надзори на годишно ниво во врска со остварување на правата на работниците од работните односи, безбедност и здравје при работа. Инспекторатот во континуитет врши надзор на работата и придонесува кон подобрување на социјално економски паралели во државата. Преку оваа кампања Државниот Инспекторат за Труд ќе делува на информирање и запознавање на младите со честите случаи со кои се соочуваат младите работници.“.- Г-дин Алјадин Хавзиу, Директор на ДИТ.

„Правата на младите се кршат фрапантно од таа причина се залагавме за спроведување на кампањата 365 работнички права за млади во партнерство со невладиниот сектор и со институциите. Ги покануваме младите по активно да се вклучуваат во синдикатите со цел поголемо информирање и гарантирање на нивните работнички права“- изјави г-дин Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Панелисти на настанот беа г-дин Аљајдин Хавзиу, Директор на Државен инспекторат за труд; г-ѓа Александра Дичевска, претставник на Агенција за млади и спорт; г-дин Благоја Ралковски, Директор на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија; г-дин Емил Крстановски, Национален Координатор на Меѓународна организација на труд во Македонија; г-ѓа Анета Баснарков, Адвокат; г-дин Марјан Алексовски, Директор на Факултети.мк.

Од 01 јануари 2018 година, Коалиција на младински организации СЕГА, преку Младинските Информативни Центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци, и во соработка со Факултети.мк и Конфедерација на Слободни Синдикати на Македонија ја отпочнаа Националната кампања „365 работнички права за младите“. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај младите за нивните работнички права кои им се загарантирани во согласност со Законот за работни односи.


Кампањата „365 работнички права на младите” се спроведува со поддршка Програмата за децентрализирана соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија, Државниот Инспекторат за Труд и Агенција за млади и спорт на Република Македонија.
Овој настан е поддржан од Mеѓународната организација на трудот (International Labor organization)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот