„Ц.Ф Мулар архитектс“ неодамна ја заврши работата на новите канцеларии на лего-кампус во Билунд, Данска, зграда која може да се пофали со импресивни карактеристики за одржливост. Иако не е толку чудна како лего-куќата на БИГ за туристи во близина, дизајнот на зградата потсетува на играчките на производителот со одлична фасада што изгледа како да е создадена од многу големи лего-коцки.
Лего-кампусот првично беше откриен во 2015 година и е голем проект, со површина од 52.000 квадратни метри. Служи како работно место за 2.000 вработени и е опкружен со јавен парк.
Како и неговата фасада од лего-коцки, надворешноста потсетува на производите на „Лего“ со две големи простории за состаноци како коцки, слични на покривот на зградата. На друго место има неколку делови од зелен покрив, од кои некои се користат како стаклена градина и терен за мини-голф.
Кампусот е распореден околу импресивен централен атриум исполнет со дневна светлина благодарение на серијата прозорци. Во просторот има големи лего-коцки што висат од таванот. Декорот низ зградата е светол и колоритен, а ги истакнува значајните производи со неколку големи модели и фигури.
На приземјето се наоѓаат спортска сала, простории за настани, ресторани, кино, здравствена клиника, парк и хотелско сместување.
Лего-кампусот го доби „ЛИД Голд грин“ - зелениот стандард за згради поради неговиот одржлив дизајн. Целиот надворешен мебел е создаден со рециклирање на вкупно 5.000 килограми отпад од „Лего“. 1.000 тони градежен отпад биле рециклирани за време на процесот на изградба. Системите за собирање дождовница се користат за наводнување на зеленилото, а гаражата за паркирање на кампусот е украсена со 4.150 соларни панели, кои произведуваат над милион kWh годишно.
- Нашата мисија е да ги инспирираме децата, па затоа е важно да обезбедиме енергично, разиграно работно место што им овозможува на вработените да создаваат инспиративни искуства за децата.
Извор:
Newatlas.com
Фото: CF Møller Architects