X
 17.05.2022 Живот

Поранешен вработен во „Гугл“ открива зошто ја напуштил компанијата

Скот Кенеди е поранешен вработен во „Гугл“ кој ја напуштил компанијата по 10 години за да стане дел од мала стартап-компанија. Како што пишува тој, на почетокот ја имал работата од соништата. Имал добри колеги и ментори, а финансиската ситуација на неговото семејство засекогаш се променила. Освен тоа, тој постојано напредувал.

Меѓутоа, подоцна сфатил дека сепак не бил среќен во компанијата. Пандемијата му помогнала да разбере дека нема баланс помеѓу кариерата, физичкото здравје и социјалниот и семеен живот.

- До средината на 2021 година бев уморен цело време. Знам дека не бев само јас бидејќи тоа беше постојана внатрешна шега во „Гугл“. Дури сега разбирам што не беше во ред: ми недостигаше задоволството од градење работи и завршување проекти - пишува Кенеди.


Фото: Google

Тој објаснува дека е тешко да се заврши нешто во „Гугл“. Потребна е соработка од повеќе тимови за да успее еден проект, што ги прави проектите ранливи. Сè почесто проектите во компанијата пропаѓале од повеќе причини, како несогласувања, реорганизирања, заминувања на вработени итн.

- Поголемиот дел од 2021 година ја трошев мојата енергија заштитувајќи го мојот тим од хаосот. Сакав да можат да ги завршат проектите за кои бевме возбудени. Деновите ми минуваа борејќи се со потенцијалното реорганизирање или откажување на проекти од новите лидери кои влегуваа во тимовите околу мене - пишува Кенеди.

Во септември 2021 година тој бил поуморен од кога било, иако работел помалку часови од порано. Затоа се одлучил да оди во помала компанија каде што нема да има вакви проблеми.

Тој пишува дека сега е многу посреќен, иако работи повеќе часови, па дури и во викенди, а истовремено напредува многу побрзо. И покрај тоа, тој има повеќе енергија и полесно се мотивира за други активности.

Извор: The next web
Насловна фотографија: Google
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот