X
 20.12.2018 Живот

Кога најмладата вработена во „Гугл“ влегла во кампусот, си помислила дека е во одморалиште

Повеќето студенти се фокусирани на положување на испитите, добивање добри оценки и можеби стажирање преку летото. Вработувањето во една од најголемите компании во светот обично не е на листата со работи што студентите планираат да ги направат.

Но, Фалон Фатеми го направила токму тоа. Во 2005 година, на 19-годишна возраст, Фатеми се вработила во „Гугл“ и станала најмладото вработено лице во оваа компанија. Таа во компанијата останала шест години, работејќи на стратешки партнерства, стратегии за продажба и операции за „Гугл“, а потоа за „Јутјуб“. Денес таа е извршен директор на нејзиниот технолошки стартап „Ноуд“.

Но, 13 години по влегувањето во „Гугл“, Фатеми сѐ уште се сеќава на денот кога првпат стапнала во кампусот на овој технолошки гигант во Калифорнија.

- Се сеќавам само дека имаше храна која беше бесплатна и беше неверојатно. Сите беа многу млади, беше сончево, се забавуваа, некои луѓе играа фудбал. Си реков: „Што е ова? Дали ова е одморалиште?“ Никогаш претходно немав видено нешто такво - раскажува Фатеми.

Пред да влезе во „Гугл“, Фатеми била на стажирање во истражувачки тим во „Мајкрософт“, по што добила препорака која ја довела до „Гугл“. Иако работата во „Гугл“ значела одговорност во текот на целото работно време, Фатеми не се откажала од образованието. Таа продолжила да оди на предавањата по бизнис и компјутерски науки на Универзитетот во Санта Клара. Одела на предавања рано наутро и попладне. Таа дури и кратко работела во канцелариите на „Гугл“ во Велика Британија додека учела на „Империјал колеџ“ во Лондон.

Сето тоа овозможило Фатеми да го примени своето образование во решавањето на проблемите од реалниот свет.

Таа раскажува дека на почетокот морала да се потпира на другите колеги, а добивала и проекти што биле далеку од разбирањето на повеќето студенти.

- Мислам дека не ни знаеја колку години имам. Си велев: „Во ред, Фалон, земи си две недели и смисли како Гугл да влезе во Африка и во Источна Европа“. Мислам, бев втора година, немав ни полагано финансии, а морав да смислам каква треба да биде стратегијата на „Гугл“ - раскажува таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот