X
 17.09.2021 Живот

Хонолулу размислува да ги отстрани „Скалите кон небото“

Скалите „Хаику“, една од најпопуларните пешачки патеки на Хаваите, може да бидат отстранети.

Минатата среда градскиот совет на Хонолулу едногласно гласаше за отстранување на „Скалите кон небото“, во необврзувачка резолуција во која се повикува градската влада да ги отстрани скалите заедно со помошните структури за да го намали нарушувањето на локалните населби, да ја зголеми јавната безбедност, да ја отстрани потенцијалната одговорност на градот и да ја заштити животната средина, се вели во агендата на градскиот совет.

Градоначалникот Рик Блангиарди ќе ја донесе конечната одлука за судбината на скалите доколку го одобри буџетот. На Хонолулу му беа доделени 1 милион долари за отстранување. Градските власти велат дека локацијата е премногу опасна и води кон зголемување на вандализмот секоја година.


Стрмното искачување, кое вклучува 3.922 тесни скали, привлекува околу 4.000 гости секоја година, иако искачувањето по нив е нелегално, а казната е 1.000 долари. Сепак, единствениот смртен случај бил кога пејачот и комичар Фриц Хасенпуш доживеал срцев удар додека се искачувал по скалите во 2012 година.

Скалите биле изградени од американската морнарица

Поради спектакуларниот поглед и чувството дека одите меѓу облаци, скалите редовно се појавуваат на „Инстаграм“ и на социјалните мрежи во објавите на жителите и посетителите.

Скалите биле изградени од американската морнарица во 1940 година и водат до тајна  радиостаница на врвот на долината Хаику, која била користена за комуникација со бродови во Пацификот за време на Втората светска војна.

Во децениите што следуваа сопственоста на скалите се промени. Градот Хонолули ја поседува локацијата од 2020 година. Крајбрежната стража ги затвори скалите во 1987 година поради зголемен вандализам и загриженост за одговорноста за безбедноста на посетителите. Откако скалите беа претставени во една ТВ-емисија, дневно почнаа да пристигнуваат по околу 200 посетители.


Скалите повторно беа отворени за јавноста во 2001 година кога требаше да се инвестираат повеќе од 800.000 долари за поправка на оштетените делови. Но, планот никогаш не се оствари.

„Губењето на скалите би било катастрофа“

Отстранувањето на скалите е спорно прашање со децении, според извештајот направен од Комитетот за водоснабдување во Хонолулу, кој ги поседуваше скалите додека не ѝ беа предадени на градската власт минатата година. Скалите имаат обожаватели кои се борат за нивно одржување уште од затворањето во 1987 година. Тие бараат план за управување со локацијата наместо целосно отстранување.

- Губењето на скалите би било катастрофа - вели Вернон Ансдел од групата „Пријатели на Хаику скалите“, која се залага скалите да не бидат отстранети.

- Скалите можат повторно да се отворат и да работат без трошоци за даночните обврзници на Хаваи. На посетителите ќе им се наплатува за качување, што ќе ги покрие трошоците за безбедност, осигурување, одржување, персонал и образовни програми - тврди групата.

Извор: Telegram.hr
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот