X
 17.11.2017 Живот

Џошуа Бекер: Минимализмот како стил на живеење

Минимализмот е стил на живеење кога доживувањата и искуството се многу поважни од предметите и материјалните вредности...

Писателот Џошуа Бекер во својот напис за веб-страницата „Бикаминг минималист“, зборува за мерењето на успехот и угледот во современиот свет. Тој одлучил да стане минималист откако цврсто решил да престане да им робува на предметите.

Ова е неговата приказна:

„Минимализмот ме промени. Она што почна како намера да поседувам помалку работи го промени начинот на кој се гледам себеси и светот што ме опкружува, и тоа на многу значаен начин. Почнав од поинаква гледна точка да гледам како општеството го мери успехот. Често оние што заработуваат, трошат и штедат повеќе, автоматски стануваат успешни.

Но, тоа е лошо. Познавам неколку прекрасни луѓе што одлучиле да не се фокусираат повеќе на материјалните работи – и затоа не ги сметаат за успешни.

Таа зависност од јавното одобрување длабоко е вкоренета во нашите умови. Затоа и многу луѓе трагаат по „вредна“ преокупација, градејќи само лице на успехот.

Ова е список со работи што не ме импресионираат повеќе:

1.    Имињата на брендовите на вашата облека

Начинот на изработка, материјалот, квалитетот и величината се важни, но името на етикетата, по мое мислење, не е. Некогаш луѓето стануваат подвижни билборди. Веќе не сум импресиониран од логото на маичката, чантата или часовникот. Им се восхитувам на оние што се самоуверени во модата што не поминува и се трудат да импресионираат со својот карактер и позитивните особини.

2.    Бројот на карати на вашиот накит

Едно од најважните поглавја во мојата нова книга „Only What Matters: The Life-Giving Benefits of Owning Less“ содржи приказна за Брајан и Никол. Тие се во брак пет години и се жртвуваат за да го отплатат долгот – односно венчалниот прстен што го носи Никол. Можеби сè уште некој посветува внимание на големината на камчето на прстенот, но повеќето луѓе веќе не го прават тоа.

3.    Цената на вашиот автомобил

Поентата на кој било автомобил е безбедно да пренесе некое лице од точка А до точката Б. Безбедноста е важна, како и комфорот. Но најлуксузните модели автомобили повеќе не се превозно средство. Тие стануваат предмет кој го олицетворува успехот и помага да станете забележани – дури и ако тоа значи да импресионирате некој странец на 60 секунди на црвено светло на семафорот.

4.    Големината на вашата куќа


Пред неколку години моето семејство и јас намерно одлучивме да купиме помала куќа. И никогаш не се покајав за таа одлука. И до ден-денес, кога и да поминам покрај некоја голема куќа, единствено помислувам колку сме среќни што живееме во помал дом.

5.    Парите на вашата банкарска сметка

Краен критериум за нечиј успех на овој свет е богатството. Не сме ние првите што имаат ваков стандард, и поранешните општества го ценеле богатството. Но почнувам да се прашувам дали ја користевме вистинската мера. Можеби бројот на нулите што ги имаме на банкарската сметка не е најдобра мера за успешност. Можеби вистинската мера е количината на добра што имаме можност да ги постигнеме во животот.

6.    Моделот на вашиот мобилен телефон

Кога бев во парк со децата, не можев да не го слушнам разговорот меѓу нивните пријатели: „Кој ајфон го имаш? Кој е моделот на ајпадот? Погоди кој доби нов ајфон за роденден?“ Беше навистина вознемирувачки да слушаш деца што немаат ни 10 години, а ги споредуваат своите уреди. И само што сакав да коментирам – сфатив дека ниту ние, повозрасните, не се разликуваме многу – ја гледаме големината на телевизиските екрани во другите домови или брзината на нивниот интернет.

7.    Фотографии на вашите профили на социјалните мрежи

Многумина поставуваат неверојатни фотографии онлајн – од нова облека, до храна од ресторани, забави, летувања... Овие фотографии намерно се избрани за да отсликаат возбудливи моменти во нивните животи. И додека лицемерно се згрозуваме на фотошопираните фотографии во списанијата, и самите ги избираме и ги разубавуваме своите животи на социјалните мрежи.

Ајде да престанеме да ги импресионираме другите со работите што ги поседуваме и да се обидеме да ги инспирираме со животот што го живееме.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот