Мајкл Унгар е доктор на науки кој се потпишува на многубројни наслови на книги за родителството, децата и побуната против психологијата на толпата. Неодамна, на познатиот портал
Psychology today објави зошто една Нова година на својот мал син му подарил празна кутија.
Кога синот имал три години, тој му купил толку многу подароци, така што немало веќе простор под елката. Истовремено чувствувал притисок дека има обврска да му купува. Исто така, знаел дека прво нешто што ќе забележи кога ќе дојдат баба му и дедо му на гости се подароците што ќе му ги донесат.
Претходната Нова година бил во недоумица и одлучил да му се спротивстави на нападот на материјализмот, попустите и претераното купување нешта што ќе бидат интересни само три недели. Скитајќи низ шопинг-центарот, барајќи подароци, во самиот агол здогледал одвај забележлив, совршен подарок за своето дете. Станувало збор за огромна бела кутија од фрижидер.
Кутијата ја врзал за покривот на автомобилот и ја донел дома. Ја завиткал во хартија од весници и ѝ ставил голема црвена панделка. Купил комплет маркери што се бришат со вода и ги ставил под елката, која била со големина колку завитканата кутија.
Истакнал дека нема ништо против подароци, но дека смета дека на неговиот син му е потребен развој, ментален, физички и развој на моториката и креативноста. Дека му бил потребен подарок што ќе го направи поактивен и ориентиран кон креирање и решавање проблеми.
„Колку повеќе размислував за тоа што всушност мојот син ќе вреднува, толку помалку сакав да му го купам најновиот хит ’Црн петок‘“, рече тој. Неговиот син бил вчудовиден од џиновскиот подарок и радосно истрчал кон него.
Кутијата доживеала многу инкарнации, наведува Мајкл. Прво била куќа со исечени врати, во која ползејќи влегувал внатре. Потоа однатре била исцртана со цртежи и станала вселенски брод. Па била покрив од тврдина под која спиел. На крајот, кога куќата се распаднала, момчето направило тобоган од софата.
Кутијата завршила како отпад, но Мајкл го научил својот син на важна животна лекција. Денес раскажува дека е горд што синот покажал дека не е сè во парите, дека во сè постои простор за креативност и дека е важно да биде социјализиран и сестран.
Во денешниот свет сè се врти околу големите производители и огласувачи. Сè е конципирано така што да ви го извлече секој денар од џебот. Во таа приказна никој не мисли што навистина им треба на децата. Односно, дека им требаат некои основни работи кои му требаат на секое битие, како што се сочувство, самостојност и физичка активност. Детето треба да живее во свој замок, не во замокот што некој друг го одредил за него.
Исто би било кога на децата би им купувале слики наместо да им дадеме боички да цртаат. Грижата за децата толку многу ја насочивме на психологијата, правата и организациите, што заборавивме на самите деца.
Да ги оставиме децата самостојно да го креираат опкружувањето во кое сакаат да го поминуваат своето време. Да се надеваме дека еден ден истото ќе го прават и со вистинскиот свет во кој ќе живеат. Да си создадат подобро место за живот.