X
 11.11.2021 Живот

Дали минимализмот навистина ги прави луѓето посреќни?

Нов научен труд тврди дека има психолошки поволности од минимализмот и едноставноста во живеењето.

- Многу истражувања низ годините ја поддржуваат поговорката дека парите не ја купуваат среќата - велат авторите на истражувањето водени од Џошуа Хук од Универзитетот на Северен Тексас.

Според нив, минимализмот или едноставноста во живеењето претставува животен стил што се фокусира на намалена потрошувачка и давање приоритет на вредностите на луѓето. Истражувачите анализирале 23 студии од областа и откриле дека во над 80 отсто од квантитативните и над 85 отсто од квалитативните студии се потврдува врската помеѓу минималистичкиот начин на живот и благосостојбата.


Фото: Pixabay

- Генерално, големо мнозинство од студиите потврдуваат позитивна врска помеѓу доброволната едноставност и благосостојбата - изјавиле истражувачите.

Според авторите, минималистите најчесто подобро ја контролираат желбата за трошење, а овој начин на живот може да ги охрабри луѓето да се фокусираат на психолошките потреби, како автономност и вештини.

Тие додаваат и дека минимализмот може да има поголемо влијание врз некои луѓе бидејќи оваа врска е посилна кај лицата со помалку примања и постарите испитаници.

Извор: Psychology Today
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот