X
 17.11.2021 Наша тема

Студентите побараа читалниците во домовите да работат 24/7

Освен читалниците во студентските домови, се бара 24/7 да работи и читалницата „1000 книги“, како и онаа во библиотеката „Браќа Миладиновци“, информираат во Универзитетското студентско собрание при УКИМ

Сите три читалници што функционираат во рамките на студентските домови кои се под надлежност на Државниот студентски дом (ДСД) - Скопје од вчера работат постојано, со што беше одговорено на барањето на студентите тие да работат 24/7. Како што за Факултети.мк информира Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ, ова тело испратило барање да се отворат читалниците, кои заедно со другите заеднички простории во домовите беа затворени за употреба поради пандемијата. Освен тоа, УСС од неодамна на социјалните мрежи споделува и петиција со која собираат потписи со цел да се врати работното време 24/7 на читалницата во „Браќа Миладиновци“.

- Празни беа домовите во текот на летото, па само што се наполнија со станари, им пративме барање да се отворат и читалниците. Тие се отворени веќе еден месец. Инаку, поднесовме барање и за работа со полн капацитет на читалницата „1000 книги“, а со петиција собираме и потписи да се врати работното време на 24/7 на „Браќа Миладиновци“. Досега се собрани околу 1.500 потписи - вели Цветковска.

Во објавата на УСС на „Фејсбук“ стои дека е потребна поддршка за „да извршиме притисок преку тоа што одборот кој одлучува во рамките на библиотеката ќе разбере за колкав број студенти станува збор.



- Колоквиумската сесија е во тек, а наскоро ни се ближи и испитната сесија. Студентите се претежно вратени во Скопје и често условите во нивниот дом не ги обезбедуваат потребниот мир и амбиент за учење. Наше е да застанеме во одбрана на студентскиот интерес и да не прифатиме никакви изговори кога гледаме дека дискотеките се отворени и преполни - стои во објавата.

Виктор Велевски, директорот на Државниот студентски дом - Скопје, вели дека на студентите веднаш им излегле во пресрет кога виделе дека бараат читалниците да работат постојано, наместо од 8 до 16 часот.

- Во студентските домови што се под надлежност на ДСД - Скопје има три читалници, а во процедура е отворање на уште една во домот „Гоце Делчев“ поради големиот интерес кај станарите. Една читалница веќе има во блок Б, а се подготвува да се отвори уште една во блок В. На барање на студентите, сите читалници работат 24/7, а не од 8 до 16 часот како што беше досега - вели Велевски.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема