X
 17.11.2023 Живот

Предлози за зимско патување во Европа

Едни од најубавите работи на светот се патувањата. Многумина сигурно веќе планираат патувања за зимските празници. Доколку вашиот буџет не е неограничен, вреди да размислите за овие градови кои гарантираат добро искуство, но и чување пари во паричникот.

Веб-страницата „Дискавер карс“ ја објави својата годишна ранг-листа со најдобри дестинации за зимски одмор во Европа. 

Краков, Полска, се наоѓа на врвот веќе трета година по ред. Вториот најголем полски град е полн со интересни барови, фасцинантна историја, а секоја година има сѐ повеќе гости, но, сепак, не е преполн.

Дефинитивно вреди да се посети најголемиот средновековен европски плоштад „Ринек Гловни“, чудесниот замок „Вавел“ и би било грев да го прескокнете стариот еврејски кварт Казимиерз и да не ја запознаете неговата богата историја. Според истражувањето, Краков има опции за изнајмување автомобили и хотели по разумни цени, како и 665 ресторани. За споредба, половина литар пиво во просек ќе ве чини 2,25 евра, што е многу добра цена со оглед на поскапувањата на сите нивоа.

Втора најдобра европска зимска дестинација во истото истражување е Прага, која е само малку зад Краков со оцена 37 од 50 (Краков доби 38). Главниот град на Чешка може да се пофали со неверојатни 1.206 одлични места за јадење, а исто така има добри резултати за сместување и летови.


Фото: Прага/Pixabay

На третото место се најде Брисел, кој се рангира високо благодарение на изобилството на бесплатни атракции. Летови до главниот град на Белгија може да се најдат по добри цени, благодарение на нискобуџетните авиокомпании.

Во најдобрите 10 се најдоа и Париз, Будимпешта, Талин, Берлин, Амстердам, Виена и Копенхаген.

Извор: Pun kufer
Насловна фотографија: Краков/Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот