X
 04.01.2018 Живот

Фотографија од протестите во Иран што го обиколи светот


Протести во Иран
(Фото: AP)


„Непријателите на Иран, кои се обединети, ги користат сите средства, пари и оружје, како и своите безбедносни служби за да им создадат проблем на иранските власти. Само чекаат шанса да му нанесат штета на иранскиот народ“, изјави ајатолахот Али Хамнеj, не прецизирајќи кои се непријателите на Иран.

Меѓу вестите од Иран, каде што полицијата и Револуционерната гарда отвораат оган кон демонстрантите, се појави фотографија која кажува повеќе од милион зборови за тоа што се случува во една од најголемите земји на Блискиот Исток.




Фотографијата прикажува млада демонстрантка во Техеран која го соблекува својот хиџаб, го врзува за стап, се качува на платформа и пркосно го вее како знаме. Иако глетката потсетува на веење бело знаме во знак на предавање, симболиката станува токму спротивна кога ќе се потсетиме дека ова се случува во земја во која носењето хиџаб е задолжително со закон.

Иранскиот репортер кој прв ја објавил снимката од каде што била преземена фотографијата, подоцна на „Твитер“ напиша дека непознатата девојка „без хиџаб“ е уапсена и притворена.  

„Местото на кое стоеше во Техеран сега е покриено со цвеќиња“, додаде тој.

Со одобрување на авторот, оваа фотографија е споделена повеќе од 15.000 пати и за кратко време се прошири на сите социјални мрежи и медиуми.

Во протестите што минатата недела избија во неколку ирански градови досега загинаа повеќе од 20 луѓе, а неколку стотици се уапсени. Протестите почнаа поради економски проблеми, но на нив се слушаат и пароли против власта и ајатолахот Али Хамнеј.

САД, кои вршат притисок врз Иран, побараа итна седница на Советот за безбедност на ОН и Советот за човекови права.

Од друга страна, францускиот претседател Макрон изрази загриженост поради бројот на жртвите на протестите и повика на „воздржаност и смирување на ситуацијата“.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф изјавил дека Иранците, за разлика од другите народи во регионот, имаат „право на глас и на протест“, и дека безбедноста и стабилноста на земјата зависат од нејзините граѓани.

„Овие тешко заработени права ќе бидат заштитени, а на инфилтраторите нема да им биде дозволено да ги саботираат со насилство и деструкција“, изјави Зариф. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот