Во зимската сезона во Европа се одржуваат многубројни фестивали со различна тематика и со своите содржини привлекуваат огромен број посетители од целиот свет. Без оглед дали сте љубители на сноубординг или скијање, на скулптури од мраз, грандиозни карневалски поворки или едноставно сакате убава музика и забава, гарантирано ќе пронајдете европски зимски фестивал што ќе одговара на вашите афинитети.
Карневал во Венеција, Италија
Секоја зима Венеција врие од фантастични балови под маски и екстравагантни паради. Тесните, таинствени споредни улички на градот и волшебниот плоштад „Св. Марко“ се преплавени со мистериозни маскирани луѓе, додека елегантните гондоли исполнети со нереални ликови пловат по венециските канали. Венеција во текот на карневалот е вистинска „експлозија“ од бои и модерна креативност, а овој настан ќе биде искуство што никогаш нема да го заборавите. Оваа зима карневалот ќе се отвори на 27 јануари и ќе трае до 18 февруари.
Амстердам лајт фестивал, Холандија
Во текот на мрачните зимски месеци Амстердам се враќа во живот со спектакуларна изложба на отворено која се нарекува „Фестивал на светлината“. Настанот, кој трае 53 дена, ги собира најдобрите светски мајстори на оваа необична уметност. Тие ги претставуваат своите дела и инсталации низ центарот на градот и по должината на живописните канали во Амстердам.
Оваа зима фестивалот се отвори на 30 ноември 2017, а ќе трае до 21 јануари. Сите фантастични скулптури и уметнички инсталации ќе гравитираат околу две различни теми: Биомимикрија (имитација на модели) и Поглед на Амстердам.
Хоризон-фестивал, Аринсал, Андора
Фестивалот се одржува во скијачкиот центар Аринсал во Андора. Трае седум луди дена и ноќи, исполнет со музика и секаков вид планински забави. Аринсал е живо одморалиште кое има врвни скијачки патеки, а освен скијање и сноубординг, во текот на фестивалските денови гостите ги забавуваат најпознатите светски имиња на електронската музика. Хоризон-фестивалот претставува една од најголемите забави на снег во Европа и во светот.
Фестивал на скулптури од снег и мраз, Белгија
Зимата во Белгија доаѓа со шармантни божиќни базари, празнични декорации и фантастични скулптури од снег и мраз. Секоја година уметници од сите краишта на светот со своите дела ја создаваат препознатливата зимска слика на Белгија која ја обиколува планетата. Белгиските градови се претвораат во чудесна зимска бајка. Сите туристи што го посетуваат овој фестивал се воодушевени од скулптурите што го одземаат здивот, а кои опишуваат сцени од различни приказни и бајки.
Змејски карневал, Љубљана, Словенија
Секоја година во саботата пред почетокот на велигденските пости стариот центар на Љубљана се оживува со танци, куклени претстави и шарени паради на маскирани луѓе. Змејскиот карневал во Љубљана, пред сè, претставува вистинско културно искуство затоа што фестивалските настани имаат цел на посетителите да им овозможат увид во традицијата на Словенија и во обичаите во пресрет и во текот на постот.
Фестивал на лимонот, Ментон, Франција
Секој февруари Ментон, живописен град на француската ривиера, е домаќин на фестивалот на лимонот. Овој исклучителен настан опфаќа низа изложби и паради со фантастични креации од лимон, а најспектакуларните прикази можат да се видат во градината Бјувез. Оваа година фестивалот ќе се одржува од 17 февруари до 4 март.
Новогодишна ноќ во Единбург, Шкотска
Еден од светски најпознатите новогодишни фестивали, единбуршкиот Хогманеј, го посетуваат над 140.000 луѓе од сите краишта на светот кои се приклучуваат на темпераментните улични забави, концерти и прослави што се одржуваат секоја година на 31 декември во главниот град на Шкотска. Централни настани се величествената поворка од факли низ центарот на градот, традиционалниот новогодишен концерт и новогодишниот огномет, кој се смета за една од најграндиозните и најраскошните пиротехнички претстави на целата планета.
„Винтерџез“, Данска
Данскиот зимски џез-фестивал секоја година се одржува во февруари и нуди тринеделни концертни настани во режија на најдобрите дански и интернационални џез-музичари. Националниот фестивал опфаќа над 450 настапи што се одржуваат во стотина места низ земјата, од Копенхаген до Архус и Ејсберг. Годинава „Винтерџез“ се одржува од 2 до 25 февруари.
Фестивал на возење велосипеди на снег, Гштад, Швајцарија
Овој единствен
фестивал на светот се одржува во Гштад, врвен скијачки центар на швајцарските Алпи, од 18 до 21 јануари 2018. На воодушевените посетители и ентузијасти фестивалот им обезбедува можност за маунтбајкинг во зимски услови, односно незаборавна зимска авантура и максимално уживање во возење и трки со велосипеди по снежните патеки.